Известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц, открива шокантни детали за сериозните притисоци и навреди со кои се соочувал додека го изработувал најновиот извештај за напредокот на земјата.
Во интервју за Канал 5, Вајц призна дека бил директна мета на екстремно-десничарски групи кои го напаѓале преку социјалната мрежа Телеграм, откако некој го споделил неговиот приватен телефонски број.
„Добивав закани по живот, а тоа продолжи и по гласањето на извештајот“, рече Вајц, опишувајќи ја ситуацијата како исклучително стресна и сериозна.
Покрај онлајн нападите, Вајц откри дека имало и директни политички обиди да биде отстранет од позицијата известувач, пред сè од одредени бугарски европратеници.
„Имаше кампања против мене, ме обвинуваа дека сум корумпиран и дека сум пристрасен. Ми замеруваа што сум разговарал со македонски соработници. А јас им велев: ‘Извинете, но ова е извештај на ЕУ за Северна Македонија – со кого друго да разговарам?’“, изјави Вајц со доза ироничен тон.
Тој потенцираше дека целиот процес бил долг и тежок, особено поради фактот што од 2022 година немало нов извештај за земјата, што само ја зголемило важноста на документот.
Според Вајц, бугарските европратеници не само што се обиделе да го сменат, туку имале за цел целосно да го блокираат извештајот. Главното барање било да се избришат сите делови од текстот во кои се признава македонскиот идентитет и македонскиот јазик.
На новинарско прашање зошто воопшто се споменуваат идентитетот и јазикот во еден ваков документ, Вајц остро одговори: „Не е пракса јазикот и идентитетот на земја-кандидат да се преиспитуваат од никого.“
И покрај сите притисоци и обиди за блокада, извештајот успеа да помине во Европскиот парламент. Според Вајц, тоа е јасен показател дека ЕУ останува цврсто посветена на поддршката на Северна Македонија во процесот на пристапување.
„Мислам дека овој извештај не нуди никаква причина да не се спроведат уставните измени. Тоа е договор што земјата го има потпишано со ЕУ. Веднаш потоа ќе почнеме со вистински пристапни преговори“, заврши Вајц, нагласувајќи дека процесот не смее да се користи како изговор за блокирање.