Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, во четврток изјави дека бил информиран дека новиот врховен лидер на Иран, ајатолах Можтаба Хамнеи, можеби е хомосексуалец, оценувајќи дека таквите тврдења претставуваат „лош почеток за водење на исламската теократија“.
Трамп за „Фокс њуз“, одговарајќи на прашање дали американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) го информирала за тоа, потврдно одговорил дека бил известен дека Можтаба наводно е геј.
- Мислам дека тоа многу говори за него и го става во лоша позиција во таа земја – рекол Трамп.
Тој потоа, според „Њујорк пост“, ги критикувал активистите кои ги нарекол „гејови за Палестина“, нагласувајќи дека палестинската милитантна група Хамас „би ги убила веднаш“.
Трамп додал дека имал голема поддршка меѓу ЛГБТ заедницата, истакнувајќи дека во кампањата користел песната „Y.M.C.A.“ од групата Вилиџ Пипл како своеобразна химна.
- Никој републиканец никогаш не добил толку гласови од геј популацијата како јас, и многу сум горд на тоа – рекол Трамп, додавајќи дека можеби тоа се должи на неговото потекло од Њујорк.
Разузнавачите немаат докази, но тврдат дека информациите се веродостојни
Како што претходно известувал „Њујорк пост“, американските разузнавачки служби проценуваат дека информациите за Можтаба Хамнеи се веродостојни и не се дел од кампања за дезинформации насочена против него. Можтаба Хамнеи на 8 март бил избран за наследник на својот татко, ајатолах Али Хамнеи.
Според изворите на кои се повикува „Њујорк пост“, американските служби располагаат со разузнавачки податоци кои укажуваат дека Можтаба, кој во иранските политички кругови порано бил познат како „моќта зад одората“ поради влијанието додека бил близок соработник на својот татко, наводно бил во долгогодишна врска со личност од своето опкружување.
Еден извор навел дека се работи за негов поранешен приватен учител од детството, додека друг тврди дека се работи за лице кое порано работело за семејството Хамнеи.
Американските разузнавачки служби немаат материјални докази за да го потврдат ова, но изворите тврдат дека потекнуваат од најзаштитените разузнавачки извори на владата на САД.
„Њујорк пост“ пишува дека Трамп, кога дознал за Можтаба Хамнеи, наводно се насмеал, а некои официјални лица присутни на состанокот биле „изненадени“.
Во Иран хомосексуалните односи се забранети
Хомосексуалните односи во Иран се забранети со закон, а за одредени облици на такво однесување е предвидена и смртна казна.
Поранешниот претседател на Иран, Махмуд Ахмадинежад, во 2007 година изјавил дека „во Иран нема хомосексуалци“.
Можтаба Хамнеи на 8 март бил избран за третиот лидер на Исламската револуција. Тој е син на поранешниот врховен лидер Али Хамнеи, кој според иранските власти, загинал во американско-израелски напади на 28 февруари. По изборот, иранските официјални лица, државните институции и вооружените сили се заколнале на верност на новиот лидер.



















