Антивладини протести го зафатија главниот град на Грузија токму на денот на локалните избори. Илјадници граѓани се собраа на Плоштадот на слободата, предводени од опозициската партија Обединето национално движење, од каде што беше најавено дека следниот чекор е „преземање на претседателската палата“.
Демонстрантите навистина упаднаа во дворот на резиденцијата во Тбилиси, кршејќи ги металните огради, а специјалните единици возвратија со бибер спреј за да ја растераат толпата. За одржување на редот во центарот на градот беа донесени дополнителни сили од други делови на Тбилиси.
Опозицијата тврди дека станува збор за „мирна револуција“ и враќање на власта кај народот, додека владејачката партија Грузиски сон обвинува дека зад инцидентите стојат домашни и странски актери.
Во меѓувреме, низ цела Грузија се одржуваат локални избори во 64 општини, каде граѓаните избираат градоначалници и советници. Во Тбилиси, меѓу деветте кандидати за градоначалник се наоѓа и актуелниот прв човек на градот, Каха Каладзе, кој ја извршува функцијата од 2017 година.