Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека верува дека ќе има мировен договор со Русија и со Украина.
Претседателот посочи дека договорот со украинскиот претседател Володимир Зеленски „виси во воздух“, но посочи дека договорот е блиску.
– Мислам дека Русија е подготвена и многу луѓе рекоа дека Русија сака да се заврши целата работа. И мислам дека имаме договор со Русија. Мораме да постигнеме договор со Зеленски. Мислев дека можеби е полесно да се справам со Зеленски. Досега беше потешко… Но, мислам дека имаме договор со двајцата. Се надевам дека ќе го направат тоа- им рече Трамп на новинарите во Овалната соба.
Запрашан за предлогот на САД претставен на Украина, според кој Крим ќе биде признаен како де јуре руска територија, Трамп не се осврна директно на ова прашање, нагласувајќи дека „нема фаворити“ меѓу Украина и Русија и дека само сака војната да заврши.
Американскиот претседател рече дека наскоро може да се сретне со Путин по патувањето во Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати.
На прашањето дали може да се сретне со Путин во Саудиска Арабија, Трамп рече дека тоа е можно, но малку веројатно.
Трамп синоќа нагласи дека изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Киев не може да го признае отцепувањето на Крим е „многу штетна за мировните преговори со Русија“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се фали на насловната страница на „Волстрит џурнал“ дека „Украина нема законски да ја признае окупацијата на Крим. Нема за што да се зборува“, напиша Трамп на својата мрежа Truth Social.
Според него, таа изјава е многу штетна за мировните преговори со Русија, имајќи предвид дека Крим „е изгубен пред неколку години под покровителство на претседателот Барак Хусеин Обама“ и не е ни тема за разговор.