Министерството за здравство ќе набави 100 нови амбулантски возила – процедурата наскоро ќе почне
Министерството за здравство подготвува набавка на 100 модерни амбулантски возила за потребите на болниците низ целата држава. Како што изјави министерот Арбен Таравари денеска од Куманово, се очекува овој план да помине на владина седница, по што ќе почне и официјалната постапка.
Возилата ќе бидат распределени според потребите на здравствените установи, со фокус на оние болници што се соочуваат со најголем недостаток.
„Инаку од 2014-та година, за жал, не се набавени возила мислам од Министерството за здравство. Има возила коишто ги набавиле на пример, самите болници или пак донации од општествено-одговорни компании, како што денеска е случајот со ‘Балкан Груп’“, изјави Таравари.
Министерот нагласи и дека здравствениот систем се соочува со сериозен недостаток на доктори, средномедицински и технички кадар ширум државата. Сепак, како што посочи, веќе се преземаат конкретни чекори.
„Сите болници имаме недостаток на кадар, каде и да одите во Македонија – од Гевгелија до Гостивар, од Охрид до Куманово, од Велес до Штип, секаде до Кичево, секаде има недостаток на кадар. Знаете дека сме започнале, веќе 250 специјализанти се вработуваат, за средномедицинскиот кадар, тече постапката да се трансформираат работните места од договор во решенија. 1.800 вработувања за една година, никогаш не се случило во Македонија во здравствениот систем“, рече Таравари.