Речиси истовремено со смртта на папата Франциско почнаа шпекулациите за тоа кој ќе биде следниот. За таквите има една стара италијанска поговорка, која важеше до изборот на папата Бенедикт Шеснаесетти: „Кој влегува во конклавата како папа, си заминува како кардинал!“.
Ова се имињата на кардиналите за кои се разговара како можни наследници на папата Франциско, кој почина во понеделникот, а тие се наведени по азбучен ред.
Жан-Марк Ноел Авелин, архиепископ од Марсеј, Французин, 66-годишен

Според францускиот печат, Авелин во домашните католички кругови е познат како Јован XXIV, што укажува на неговата сличност со папата Јован XXIII, реформистичкиот папа од раните шеесетти на минатиот век. Папата Франциско еднаш се пошегува дека неговиот наследник може да го земе името Јован XXIV, потсетува францускиот печат.
Авелин е познат по својата „народна“, лежерна природа, подготвеност да се шегува и идеолошка блискост со Францоско, особено во прашањата за имиграцијата и односите со муслиманскиот свет. Тој е и сериозен интелектуалец, со докторат по теологија и диплома по филозофија.
Роден е во Алжир во семејство на шпански имигранти кои се преселиле во Франција по независноста на Алжир, а поголемиот дел од својот живот го живеел во Марсеј, пристаниште кое со векови е раскрсница на култури и религии.
За време на понтификатот на Франциско, Авелин направи голем напредок во својата кариера, станувајќи епископ во 2013 година, надбискуп во 2019 година, а три години подоцна – кардинал. Неговиот углед беше зајакнат во септември 2023 година кога организираше меѓународна црковна конференција за медитерански прашања чиј главен гостин беше папата Франциско.
Ако биде избран, Авелин ќе стане првиот француски папа уште од XIV век, турбулентен период во кој папството се преселило во француски Авињон. Тој би бил и најмладиот папа по Јован Павле Втори. Тој разбира, но не зборува италијански, што е потенцијално голем недостаток за работата на личност која ја носи титулата епископ на Рим и бара прилично добро познавање на римските сплеткарења и игри на моќ.
Кардинал Петер Ердо, Унгарец, 72-годишен

Доколку Ердо биде избран, неминовно ќе се гледа како на „компромитиран“ кандидат, односно некој од конзервативниот табор кој, сепак, успеал да изгради мостови со „прогресивниот“ свет на Франциско, како што се нарекува попустливоста на сега починатиот папа кон благословот за бракови истополовите бракови и другите иницијативи блиски на интенциите на неолибералистичките политичари.
Ердо веќе беше сметан за кандидат за папа на последната конклава во 2013 година, благодарение на неговата мрежа на контакти со Црквата во Европа и Африка, како и фактот што се смета за пионер на движењето на новата евангелизација за заживување на католичката вера во секуларизираните технолошки напредни западни нации, што е приоритет за многу кардинали.
Тој се смета себеси за теолошки конзервативец, што е видливо во неговите говори што ги држи низ Европа, во кои ги истакнува христијанските корени на континентот. Но, во исто време, тој е прагматичен и никогаш отворено не се судри со Франциско, за разлика од другите свештеници кои се повеќе наклонети кон традицијата.
Дополнително, Ердо изненади многумина кога, за време на мигрантската криза во 2015 година, се спротивстави на повикот на Франциско до црквите да прифатат бегалци, велејќи дека тоа ќе значи трговија со луѓе, со што на прв поглед се усогласи со унгарскиот суверенистички премиер Виктор Орбан.
Експерт за канонско право, Ердо брзо се искачи низ црковната хиерархија, станувајќи епископ во четириесеттите години од животот и кардинал во 2003 година кога имаше само 51 година, што го прави најмладиот член на Кадриналскиот собор до 2010 година.
Тој ја има предноста што течно зборува италијански, како и германски, француски, шпански и руски, што може да му помогне да придонесе за затоплување на односите меѓу некои влијателни католички цркви и Руската православна црква по заладувањето предизвикано од војната во Украина.
Ердо не го сметаат за харизматичен говорник, но иако ова претходно се сметаше за сериозен недостаток, овојпат можеби може да се смета за предност доколку кардиналите посакуваат мирен понтификат по огнометот во владеењето на Франциско.
Кардинал Марио Грек, генерален секретар на Бискупскиот синод, Малтежанец, 68-годишен

Грег потекнува од малиот остров Гозо, кој е дел од Малта, најмалата земја во Европската унија. Но, тој од самиот почеток имаше високи аспирации. Папата Франциско го назначи за генерален секретар на Архиерејскиот (Бискупскиот) синод, исклучително тешка позиција во Ватикан.
Иако првично на него гледаа како на конзервативец, со текот на годините Грек стана носител на реформите на Френциско во црквата, така напредувајќи со времето.
Во 2008 година, неколку хомосексуални малтешки граѓани објавија дека ја напуштаат црквата во знак на протест против, како што тие го сметаа анти-ЛГБТ ставот на тогашниот папа Бенедикт Шеснаесетти.
Во тоа време, Грек им покажа премалку сочувстување, но во говорот одржан во 2014 година во Ватикан, тој ја повика Црквата посилно да ги прифати своите ЛГБТ членови и да покаже креативност во изнаоѓање нови начини за решавање на ваквите современи семејни ситуации.
Следниот ден, папата Франциско во текот на појадокот го потапкал по рамото и го пофали неговиот говор, гест што очигледно го предодредил за унапредување во блиска иднина.
Во 2018 година, Грек зборуваше за тоа како ужива во предизвиците со кои се соочува Црквата. „Минуваме низ период на промени. За мене тоа е многу позитивна работа“, изјави тој за весникот Malta Today, предупредувајќи дека тие нема да заживеат во современото општество доколку не се оддалечат од минатото.
Ваквите ставови му заработија непријатели од висок профил, а конзервативниот кардинал Герхард Мулер силно го навреди во 2022 година, омаловажувајќи го неговиот академски профил и обвинувајќи го дека оди против католичката доктрина.
Сојузниците на Грек истакнуваат дека тој има пријатели и наводно во конзервативниот и во умерениот табор и дека, поради неговата истакната улога, го познаваат многу, многу кардинали, што е голема предност во конклавата во која многу кардинали се релативно меѓусебно непознати.
Со оглед на тоа што доаѓа од мала земја, неговиот избор за папа не би предизвикал никакви дипломатски или геополитички главоболки. Тој повеќепати нагласи дека секогаш е за консензус, а не за конфликт.
Кардинал Хуан Хозе Омеqа, надбискуп на Барселона, Шпанец, 79-годишен

Хуан Хозе Омељ и Омеља се смета за човек по вкусот на Франциско. Ненаметлив и добродушен, тој живее скромен живот и покрај неговата висока титула, ја посветил својата црковна кариера на пастирска грижа, промовирајќи ја социјалната правда и е олицетворение на сочувствителна и инклузивна визија за католицизмот.
„Не смееме да ја гледаме стварноста само преку очите на оние кои имаат најмногу, туку и низ очите на сиромашните“, изјави тој за веб-страницата Crux во април 2022 година, зборови кои исто така ја одразуваат визијата на Френциско за светот.
Роден е во 1946 година во селото Кретас во североисточна Шпанија. Откако бил ракоположен во 1970 година, служел како свештеник во неколку шпански парохии и поминал една година како мисионер во Заир, сега Демократска Република Конго.
Истакнувајќи ја неговата посветеност на социјалните цели, од 1999 до 2015 година тој тесно соработуваше со шпанската добротворна организација Manos Unidas, која работи со гладните, болните и сиромашните во земјите во развој.
Стана бискуп во 1996 година и беше унапреден во надбискуп на Барселона во 2015 година. Само една година подоцна, Франциско му ја даде црвената кардиналска шапка, потег што се гледа како јасно одобрување на таканаречените „прогресивни“ тенденции на Омеља, за разлика од поконзервативните елементи кои некогаш доминираа во Католичката црква во Шпанија.
Омеља е поранешен претседател на Шпанската епископска конференција. Тој мораше да се соочи со последиците од независната комисија која процени во 2023 година дека шпанското свештенство сексуално злоставувало повеќе од 200.000 малолетници во текот на повеќе децении. Тој постојано се извинуваше за лошото справување со проблемот со сексуалната злоупотреба, но го негираше бројот на малтретирани деца. Внатрешната црковна истрага идентификувала наводно само 927 жртви од 1940-те.
„На крајот на краиштата, бројките никаде не нè носат. Она што е важно се луѓето и важно е да се искупат колку што е можно повеќе. Обвинувањето не е добар начин. Ова не е проблем за Црквата, ова е проблем за општествата во целин“, рече тогаш Омеља.
Во 2023 година, Френциско го покани Омеља да му се придружи на неговиот деветчлен Совет на кардинали (C 9) за да го советува за прашањата на управувањето. Меѓутоа, доколку конклавата одлучи дека на Црквата ѝ е потребен нов пристап и пресврт, тогаш оваа блискост ќе оди против Омеља.
Кардинал Пјетро Паролин, Италијанец, ватикански дипломат, 70-годишен

Паролин е еден од фаворитите за нов папа. Тој е државен секретар на Франциско од 2013 година и припаѓа на умерената струја. Се смета за компромисен кандидат меѓу „прогресивците“ и конзервативците. Поголемиот дел од својот живот бил црковен дипломат. Позицијата на државен секретар е слична на онаа на премиерот, а државните секретари често се нарекуваат „заменици на папата“, бидејќи се втори по ред во хиерархијата на Ватикан.
Паролин беше заменик министер за надворешни работи во времето на Бенедикт Шеснаесетти. Бенедикт го назначи за амбасадор на Ватикан во Венецуела во 2009 година, каде што ја бранеше црквата од потезите на тогашниот левичарски претседател Уго Чавез, кој се обиде да го ослабне нејзиното влијание.
Тој е главниот архитект на зближувањето на Ватикан со Кина и Виетнам. Но, конзервативците го нападнаа поради договорот за именување епископи во комунистичка Кина, а тој го бранеше тоа објаснувајќи дека, иако договорот не бил совршен, тој избегнал раскол и овозможил одредена форма на комуникација со владата во Пекинг.
Паролин никогаш не бил на првата линија или силен активист во таканаречените Културолошките војни на Црквата, кои се фокусираа на прашања како што се абортусот и правата на хомосексуалците, иако еднаш ја осуди легализацијата на истополовите бракови во многу земји, нарекувајќи ја „пораз за човештвото“.
Тој ја бранеше моќта на Ватикан пред локалните црковни водачи, критикувајќи ги обидите во Германија да им се дозволи на свештениците симболично да благословуваат истополови парови. Јасно стави до знаење дека локалните цркви не можат да донесуваат одлуки кои на крајот би влијаеле на сите католици.
Доколку биде избран, елегантниот Паролин ќе им го врати понтификатот на Италијанците по тројца папи кои не беа Италијанци – Јован Павле Втори (Полска), Бенедикт Шеснаесетти (Германија) и Франциско (Аргентина).
ПАролин влегол во дипломатската служба на Ватикан само три години по неговото ракоположување за свештеник во 1980 година, така што неговото пасторско искуство е ограничено, но тој има предност што течно зборува неколку јазици.
Кардинал Луис Антонио Гоким Тагле, Филипинец, 67-годишен

Тагле често го нарекуваат „Франциско од Азија“ поради неговата слична посветеност на социјалната правда, а доколку биде избран, тој ќе биде првиот папа од Азија.
Тагле, кој генерално претпочита да го нарекуваат со прекарот „Чито“, се чини дека ги има сите квалификации да стане папа.
Има децениско пастирско искуство, почнувајќи од неговото ракоположување во 1982 година. Потоа се стекнал со административно искуство, најпрво како епископ на Имус, а потоа и како надбискуп на Манила. Папата Бенедикт го прогласи за кардинал во 2012 година.
Папата Франциско го префрли Тагле во Ватикан од Манила во 2019 година, назначувајќи го за водителна на мисионерскиот огранок на Црквата, официјално позната како Дикастериум за евангелизација. Овој потег некои го толкуваат како стратегија на Франциско да му даде на Тагл некое искуство во Ватикан.
Потекнува од местото што некои го нарекуваат „азиските католички бели дробови“, имајќи предвид дека Филипините имаат најголемо католичко население во регионот. Неговата мајка имала кинеско-филипинско потекло. Течно зборува италијански и англиски јазик.
Помеѓу 2015 и 2022 година, тој беше главниот водител на меѓународниот Каритас, конфедерација на повеќе од 160 католички организации за помош, социјална служба и развој ширум светот.
Во 2022 година, папата Франциско го разреши целото раководство по обвинувањата за малтретирање и понижување на вработените и назначи комесар да продолжи да ја води конфедерацијата.
И Тагле беше отстранет, иако тој не беше вклучен во секојдневните операции, кои беа надгледувани од лаички генерален директор. Објавувајќи ја одлуката на папата, Тагле на состанокот на конфедерацијата рече дека промените се момент за „соочување со неуспеси“. Останува да се види до кој степен оваа дамка ќе влијае на неговите изгледи за потенцијален понтификат.
Кардинал Џозеф Тобин, надбискуп од Њуарк, Њу Џерси, Американец, 72-годишен

Малку е веројатно дека светските кардинали би избрале папа, покај тоа и првиот од Соединетите држави, но доколку би го направиле тоа, Тобин би бил најверојатниот избор.
Поранешниот глобален водач на големиот католички верски ред познат како Редемптористи (Откупувачи), роден е во Детроит и поминал многу време во различни земји низ светот. Течно зборува италијански, шпански, француски и португалски, а има искуство во службата во Ватикан, како и на највисоките позиции во американската црква.
Тобин престојуваше во канцеларијата во Ватикан од 2009 до 2012 година и беше втор по хиерархијата, пред да биде назначен за надбискуп на Индијанаполис од папата Бенедикт. Франциско го унапреди во кардинал во 2016 година, а подоцна го назначи за надбискуп на Њуарк.
Во таа последна улога, Тобин се справи со еден од најголемите скандали што ја потресоа Католичката црква последниве години. Во 2018 година, тогашниот кардинал Теодор МекКарик, еден од претходниците на Тобин во Њуарк, беше сменет од функцијата поради обвинувањата за сексуално недолично однесување кон семинаристите. МекКарик негираше каква и да е поврзаност со скандалот, но на крајот поднесе оставка како кардинал и подоцна беше прогласен за виновен од судот во Ватикан и целосно отстранет од свештенството.
Тобин доби пофалби за начинот на кој се справи со скандалот. Меѓу другото, тој одлучи да ги објави претходно доверливите спогодби постигнати меѓу надбискупијата и жртвите на МекКарик.
Интересно е тоа што Тобин редовно крева тегови, роден како најстарото од 13 деца и е лекуван алкохоличар. Тој е познат по својот отворен став кон ЛГБТ луѓето и во 2017 година напиша дека „во премногу делови од Католичката црква, ЛГБТ луѓето се чувствувале непожелно, исклучени, па дури и засрамени“.
Кардинал Питер Кодво Апија Турксон, Ганeц, службеник на Ватикан, 76-годишен

Од скромните почетоци во мал африкански град, кардиналот Питер Турксон постигна големи работи во црковната хиерархија, што го прави кандидат да стане првиот папа од субсахарска Африка.
Тој се карактеризира со неговата долга работа во црковната заедница, неговата грижа за конгрегацијата во Гана и неговото практично искуство во водењето на неколку канцеларии во Ватикан, но и неговите моќни комуникациски вештини. Фактот дека тој доаѓа од еден од најдинамичните региони за Црквата, која се бори против секуларистичкиот бран во нејзините европски центри, може да ја зајакне и неговата позиција.
Тој е четвртиот син во десетчлено семејство. Роден е во Вассав Нсута, место кое тогаш се нарекувало Златен брег, кое припаѓало на Британската империја. Неговиот татко работел во блискиот рудник и бил столар, додека мајка му продавала зеленчук на пазар. Студирал во семинариите во Гана и Њујорк. Дипломирал во 1975 година, а потоа предавал во неговата поранешна семинарија во Гана и ги усовршувал библиските студии во Рим.
Папата Јован Павле Втори го назначи за надбискуп на Кејп Коуст во 1992 година, а 11 години подоцна и за прв кардинал во историјата на таа западноафриканска земја. Унапредувањето продолжи и под наследникот на Јован Павле, Бенедикт, кој во 2009 година го донесе во Ватикан и го постави на чело на Папскиот совет за правда и мир, тело кое ја промовира социјалната правда, човековите права и мирот во светот. Во таа улога тој беше еден од најблиските советници на папата за прашања како климатските промени и привлече големо внимание со учеството на конференции како што е Светскиот економски форум во Давос.
Френциско го спои одделот на Турксон со три други канцеларии во 2016 година, што резултираше со борба за моќ меѓу него и друг кардинал. Затоа, тој поднесе оставка од таа позиција во 2021 година и беше назначен на чело на две Папски академии за наука и за општествени науки.
Во 2023 година, тој за BBC изјави дека се молел „против“ можноста да биде избран за папа, но некои од неговите противници веруваат дека тој го направил токму спротивното и дека, со оглед на неговите медиумски настапи, водел кампања за таа функција.
Матео Марија Ѕупи, Италијанец, надбискуп на Болоња, 69-годишен

Кога Ѕупи во 2015 година беше промовиран во Болоњски надбискуп, националните медиуми го нарекоа „италијански Бергољо“ поради неговата блискост со аргентинскиот папа Франциско. Ѕупи би бил првиот италијански папа од 1978 година.
Како и Франциско за време на неговото живеење во Буенос Аирес, и Ѕупи е познат како „уличен свештеник“ кој се фокусира на мигрантите и сиромашните а малку се грижи за помпата и протоколот. Себеси си се нарекува и „Отец Матео“, а во Болоња понекогаш повеќе сака да користи велосипед отколку службено возило.
Доколку стане папа, конзервативците веројатно би го гледале со сомнеж. Дури и жртвите на сексуална злоупотреба од страна на црквата би можеле да му приговорат, имајќи предвид дека италијанската католичка црква, која тој ја води од 2022 година, бавно го истражува и се справува со овој проблем.
Италијанскиот кардинал е тесно поврзан со Заедницата на свети Егидио, глобална католичка група за мир и правда со седиште во историскиот кварт Трастевере во Рим, каде што го поминал најголемиот дел од својот живот како свештеник.
Тој неодамна стана повеќе дипломатски ангажиран како папски пратеник за руско-украинскиот конфликт, фокусирајќи се на напорите за враќање на децата за кои Украина тврди дека биле депортирани во Русија во областите под руска контрола.
Ѕупи е роден римјанин со прилично силен регионален акцент и силни католички семејни корени. Неговиот татко Енрико бил уредник на неделното издание на ватиканскиот весник L’Osservatore Romano, а неговиот вујко по мајка Карло Конфалониери бил кардинал.