Откриени шест нуклеарни подморници во нова кинеска воена база – Западот загрижен
Сателитски снимки покажаа присуство на најмалку шест активни нуклеарни подморници во новооткриената кинеска воена база во Кингдао, стратегиски позиционирана со излез на Источнокинеското, Жолтото и Јапонското Море. Откритието предизвика сериозна загриженост во меѓународната заедница.
Австралискиот аналитичар Алекс Лак идентификуваше пет оперативни нуклеарни подморници – меѓу нив модели 091, 093А и една неидентификувана – како и постар балистички модел 092, кој наскоро би бил заменет со модерниот 094.
Според експертите, базата може да игра клучна улога во новата поморска стратегија на Кина. Земјата интензивно го модернизира својот нуклеарен арсенал и досега има околу 600 боеви глави. Во последниве 15 години, Пекинг изгради 12 нови нуклеарни подморници, вклучувајќи шест од класата „Џин“, секоја со капацитет до 12 балистички ракети.
Американски извори предвидуваат дека Кина до 2035 година ќе располага со флотила од 80 подморници. Новиот модел Tip 096 се очекува да биде оперативен во 2030-тите, со што кинеската стратегија за нуклеарно одвраќање ќе се зајакне уште повеќе.
Активисти и аналитичари предупредуваат дека ова е едно од најголемите воени складирања на моќни оружја во поновата историја и повикуваат на поостар одговор од Западот. Подморниците, според нив, ѝ овозможуваат на Кина способност за „втор удар“ во случај на нуклеарен напад, што значително ја менува безбедносната рамнотежа во регионот.
Сепак, напредокот не е без предизвици – во 2023 година, првата подморница од новата класа „Џоу“ наводно потона, според информации кои ги објавија американски разузнавачки извори.