Првата недела од примената на новиот европски систем за влез-излез (ЕЕС) се претвори во вистински кошмар за илјадници патници кои патуваат во Шенген-зоната. Наместо ветената дигитализација и побрз проток, на аеродромите и копнените граници завладеа хаос – патниците чекаат со часови на нозе за биометриска обработка, авионите полетуваат полупразни, а граничните премини се преоптоварени до точка на пукање. Ситуацијата е толку критична што водечките аеродромски организации веќе бараат итно суспендирање на системот во моменти на прекумерен метеж.
Глобалната слика на европските аеродроми е поразителна. Шалтерите за биометрија се тесно грло каде секој патник мора да се фотографира и да остави отпечатоци, процедура која трае предолго за постојната инфраструктура. Шокантен пример доаѓа од Милано, каде на лет за Манчестер успеале да се качат само 34 патници од вкупно 156 – останатите останале заглавени во редиците и го пропуштиле летот. Овие патници биле принудени да плаќаат астрономски суми од над 1.600 фунти за нови карти, пристигнувајќи дома со задоцнување од 24 часа. Поради ова, авиокомпаниите сега апелираат патниците да доаѓаат на аеродром дури четири часа пред летот.
Ништо подобра не е состојбата и на патиштата. Македонските туристички агенции веќе ги почувствуваа првите удари на новиот систем за време на велигденските патувања. На грчката граница се чекало и по неверојатни 6 часа. Процедурата за еден автобус на кат со 70 патници, каде секој мора да излезе, да се фотографира и да остави отпечатоци, трае предолго. Хаосот бил толку голем што во еден момент грчките погранични служби морале целосно да го прекинат скенирањето и да се вратат на стариот метод со печати во пасошите за да го расчистат метежот.
Аеродромските гиганти АЦИ Јуроп и A4E упатија заеднички апел до Европската комисија. Нивното барање е јасно: на граничните власти мора да им се дозволи целосно да го суспендираат ЕЕС-системот кога времето на чекање ќе стане прекумерно. Тие предупредуваат дека доколку не се воведе поголема флексибилност, претстојната летна сезона ќе биде катастрофална за европскиот туризам.
Додека дел од туристичките работници се надеваат дека ова е само почетна фаза на адаптација и дека до летото системот ќе се „урамнотежи“, сегашната реалност е „блага нервоза“ кај патниците и огромен притисок врз транспортниот сектор. Системот ЕЕС, кој ги заменува рачните печати со дигитална евиденција за патници надвор од ЕУ, засега донесе само еден резултат – изгубени нерви и пропуштени патувања.
Дали сметате дека е попаметно воопшто да не се патува додека не се средат овие „детски болести“ на новиот систем?










