ПРВ.мк
Свет

„ЌЕ ЗАВРШИТЕ НА ДНОТО НА МОРЕТО!“: Ормус на раб на експлозија – блокада, закани и страв од оружје што светот сè уште не го видел!

„ЌЕ ЗАВРШИТЕ НА ДНОТО НА МОРЕТО!“: Ормус на раб на експлозија – блокада, закани и страв од оружје што светот сè уште не го видел!

Војната меѓу САД, Иран и Израел влезе во 44-тиот ден, а тензиите достигнуваат нов, опасен врв. Како што претходно најави американскиот претседател Доналд Трамп, вчера во 16 часот започна блокадата на Ормускиот теснец – еден од најважните поморски патишта во светот. Со ова, практично беше запрен поморскиот сообраќај низ оваа клучна точка, иако дел од најважните членки на НАТО одбија да учествуваат во ваквата акција.

Трамп изјави дека веднаш по почетокот на блокадата добил повик „од другата страна“, тврдејќи дека постои очајничка желба за постигнување примирје. Сепак, одговорот од Техеран беше остар и заканувачки – иранските власти порачаа дека секој американски брод што ќе се обиде да ја спроведе блокадата „ќе заврши на дното на морето“.

Во меѓувреме, според информациите на Ројтерс, САД и Иран повторно се насочуваат кон дипломатски обиди. Се очекува нова рунда мировни преговори да се одржи во Исламабад, Пакистан, подоцна оваа недела, каде двете страни ќе се обидат да најдат излез од ќорсокакот.

Дополнителен притисок доаѓа и од Саудиска Арабија, која ги повика САД да ја прекинат блокадата, стравувајќи дека Иран би можел да возврати со напади врз други клучни поморски рути, што би предизвикало поширока регионална дестабилизација.

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, го обвини Вашингтон дека со прекумерни барања и постојано менување на ставовите ги урнал преговорите. Според него, токму тоа е причината што не бил постигнат договор во разговорите со посредство на Пакистан.

Во обид да се намали глобалната напнатост, кинескиот претседател Си Џинпинг изнесе четири клучни предлози за мир, повикувајќи на почитување на меѓународното право, суверенитетот на државите и создавање стабилна безбедносна рамка. Тој предупреди дека светот не смее да дозволи враќање на „законот на џунглата“.

Сериозни предупредувања стигнаа и од Обединетите нации. Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) алармира дека кризата во Ормускиот теснец може да предизвика глобална катастрофа во земјоделството, поради нарушување на снабдувањето со ѓубрива и енергенси, раст на цените на храната и намалување на приносите.

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека „топката сега е кај Иран“, нагласувајќи дека, и покрај застојот, бил постигнат одреден напредок во разговорите. Тој истовремено го обвини Техеран за „економски тероризам“ поради затворањето на Ормускиот теснец.

Во меѓувреме, Пакистан предложи нова рунда преговори меѓу двете земји во наредните денови, пред истекот на привременото примирје, што покажува дека дипломатските канали сè уште не се целосно затворени.

Ситуацијата дополнително се усложнува со регионалните реакции. Либанската група Хезболах целосно ги отфрли најавените мировни разговори со Израел, додека Иран побара воена отштета од повеќе земји во регионот, обвинувајќи ги за учество во конфликтот.

Од Европската унија пристигна мрачна проценка – високата претставничка за надворешна политика Каја Калас предупреди дека светот се наоѓа во најтешката безбедносна ситуација од Втората светска војна, со глобалниот поредок и енергетските пазари на раб на колапс.

Во сенка на сето ова, се појавуваат и информации за пробивање на блокадата. Танкер под американски санкции успеал да помине низ Ормускиот теснец, што покажува дека контролата врз оваа зона не е апсолутна.

Најзагрижувачки се заканите од Иранската револуционерна гарда, која предупреди дека земјата сè уште не ги открила своите најмоќни воени капацитети. Според нив, во случај на ескалација ќе бидат употребени „модерни методи на војување“ и оружје на кое противниците ќе имаат многу ограничен одговор – што дополнително ја зголемува неизвесноста и стравот од поширок конфликт.