ПРВ.мк
Македонија

СКАНДАЛ ЈА ТРЕСЕ МАКЕДОНИЈА: Го киднапирале од двор и брутално го тепале - со ќеса на глава му се заканувале со убиство!

СКАНДАЛ ЈА ТРЕСЕ МАКЕДОНИЈА: Го киднапирале од двор и брутално го тепале - со ќеса на глава му се заканувале со убиство!

Две лица од селото Корешница се осомничени за грабнување на жител од Неготино, кого го киднапирале, тепале и му се заканувале со пиштол, со цел да го принудат да признае наводно силување, информираше Основно јавно обвинителство Кавадарци.

Според обвинителството, двајцата осомничени – 37-годишник и 30-годишник – на 12 април го пресретнале оштетениот во дворот на неговата куќа и насилно го внеле во автомобил. „Осомничените го качиле оштетениот во возило и се упатиле по стариот пат кон Демир Капија, при што цело време му се заканувале по живот и физички го напаѓале“, велат од обвинителството.

За време на грабнувањето, еден од осомничените употребил пиштол, кој го репетирал и му се заканил на оштетениот. Тие му го одзеле телефонот и му ставиле црни ќеси на главата за да не може да види каде го носат.

„Кога пристигнале во шума, го извадиле од возилото и го принудувале да слуша аудио снимки и да признае дека тој е лицето од снимката, но оштетениот одбивал“, соопшти обвинителството. Откако одбил да признае, осомничените продолжиле со закани и физичко насилство, удирајќи го со боксови и пластична цевка, при што му нанеле тешки телесни повреди. Сепак, пред да му го одземат телефонот, оштетениот успеал да испрати порака за помош до полицијата, а соседи го забележале моментот кога бил внесен во возилото. Врз основа на тие информации, полицијата ги идентификувала осомничените. „Откако дознале дека се откриени, осомничените сами го однеле оштетениот во полициската станица во Неготино“, додаваат од обвинителството. Поради тежината на делото, јавниот обвинител предложил притвор за двајцата осомничени, оценувајќи дека постои опасност од бегство и можност да го повторат делото доколку се бранат од слобода.