Поминаа 14 години откако му се губи секаква трага на Ангел Стојанов од Велес, кој на 25-годишна возраст бил претепан и грабнат, а неговата судбина до ден-денес останува непозната.
Според последните познати информации, Ангел бил насилно внесен во багажник на возило и однесен покрај реката Бабуна, каде што грабнувачите го оставиле. Од тој момент, нема никаква потврда дали е жив или мртов.
Иако случајот со текот на времето избледе од јавноста, неговото семејство не престанува да бара одговори. Ангел зад себе оставил две деца, а блиските и натаму се надеваат дека вистината ќе излезе на виделина.
За грабнувањето беа обвинети неговите соседи, татко и син, Перо и Борис Нацеви. Тие и претходно го пријавувале во полиција, тврдејќи дека ја вознемирувал нивната ќерка и сестра, но институциите не реагирале.
Кобниот настан се случил на 7 март 2012 година, кога Ангел бил пресретнат кај градскиот пазар во Велес. По претепувањето, бил однесен и оставен покрај реката. Иако беа осудени, двајцата одговараа само за грабнување, бидејќи телото на Ангел никогаш не беше пронајдено.
Тие издржаа затворска казна од по девет години, а според последните информации, пред неколку години се преселиле во странство.
Семејството на Стојанов повеќепати изрази незадоволство од судската разрешница, инсистирајќи да се открие што навистина се случило и каде се наоѓа телото. Во меѓувреме, неговото име и фотографија сè уште стојат на листата на исчезнати лица на Министерството за внатрешни работи.










