ПРВ.мк
Македонија

СКАНДАЛ ВО ПОЛИЦИЈАТА: Струмички полицаец „мирел“ тепачка па си задржал 500 евра!

СКАНДАЛ ВО ПОЛИЦИЈАТА: Струмички полицаец „мирел“ тепачка па си задржал 500 евра!

Полициски службеник од Струмица заработи кривична пријава по брза постапка и отстранување од работното место, откако ја злоупотребил службената положба за да „посредува“ во тепачка, од што си присвоил 500 евра.

Случајот го откри Одделот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи (МВР), кој до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе кривична пријава против полицаецот К.Ш.

Инцидентот се случил на 11 април 2026 година, околу 09:00 часот наутро.

Според информациите, полицаецот бил задолжен да постапи по пријава за физички напад, но наместо да постапи согласно законот, ја злоупотребил положбата и почнал да посредува меѓу двете страни за наводно мирно решавање на конфликтот надвор од институциите.

Со негово посредство, учесниците во тепачката договориле напаѓачот да му плати 1.000 евра на оштетениот за да ја повлече пријавата. Сепак, полицаецот самоволно ја зголемил сумата за уште 200 евра, правдајќи се дека тоа се „трошоци за постапката“.

Откако биле исплатени вкупно 1.200 евра, тој му дал само 700 евра на оштетениот, додека останатите 500 евра ги задржал за себе, стекнувајќи се со противправна имотна корист.

Поради основано сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службена должност и овластување“, судија на претходна постапка веќе му одредил мерки на претпазливост.

Од МВР најавија и строги интерни санкции. Против него ќе биде поведена постапка за кршење на работниот ред и дисциплина, а веќе е изречена мерка – отстранување од работното место до завршување на постапката.

Најнови вести