Италијанската влада планира да го изгради долго дискутираниот мост преку Месинскиот Проток што ќе ги поврзе копното со Сицилија, проект вреден 13,5 милијарди евра, кој би бил најдолгиот висечки мост во светот. За да се овозможи неговата изградба, италијанските политичари размислуваат да го класифицираат како воен проект, со што трошоците би биле вклучени во воениот буџет, согласно новите барања на НАТО за зголемување на воените расходи.
Италија, која има едни од најниските воени трошоци во алијансата, минатата година издвојуваше само 1,49% од БДП за одбрана, додека новата цел од 5% до 2035 година изгледа многу тешко достижна. Владата на премиерката Џорџа Мелони, како и нејзините министри Антонио Тајани и Матео Салвини, потенцираат дека мостот има стратешко значење не само економски, туку и од безбедносен аспект, како витален дел од инфраструктурата за движење на воените сили на НАТО.
Овој потег би можел да ја олесни изградбата на мостот, кој со години се соочува со пречки како високи трошоци, тешкотии при градба во сеизмичка зона и проблеми со раселување на локалното население. Мостот е планиран да има централен распон од 3,3 километри и ќе игра клучна улога во брзото движење на воените и логистичките сили од Северна Европа до Медитеранот.
Иако овој инфраструктурен проект не се наоѓа на официјалните воени коридори на НАТО или ЕУ, италијанската влада го смета за важен за националната и меѓународната безбедност. Владата веќе побара проектот да биде вклучен во европските планови за финансирање на воена мобилност.
Идејата е делумно политички мотивирана, со цел да се покаже дека Италија презема конкретни чекори за исполнување на новите воени обврски, но и да се задоволат интересите на различни политички сили. Министерот за инфраструктура Матео Салвини гледа во мостот шанса за трансформација на неговата партија во национален фактор, а министерот Тајани потенцира дека безбедноста е поширок концепт од само тенкови и оружје.
Опозицијата, пак, е критична, тврдејќи дека поврзувањето на два најсиромашни региони без развиен транспортен систем е нерентабилно, а инвестирањето во локалните патишта и железници би било поитно.
Сепак, владата останува решена и очекува конечно одобрување на проектот во јули. Исто така, се разгледува и идејата мостот да биде именуван по поранешниот премиер Силвио Берлускони.