Полицијата во Ванкувер соопшти дека инцидентот кој се случи за време на уличниот фестивал, при што најмалку осум лица загинале, не се смета за терористички акт.
„Во овој момент, убедени сме дека овој инцидент не беше терористички акт“, се наведува во соопштението што полицијата на Ванкувер го објави на платформата X.
Еден од сведоците на настанот, Жозеб Варде, сопственик на камион за брза храна, изјавил за BBC News дека видел како автомобил влетал во толпата на фестивалот.
„Последниот настап на фестивалот, кој беше главен настан на денот, се заврши кога автомобилот помина по тесната улица покрај мојот камион за брза храна, со брзина од околу 100 километри на час, и се движеше право низ толпата“, изјавил Варде.
Тој додал дека возачот застанал и се обидел да побегне, но бил фатен од присутните.
„Мислам дека возачот имал за цел да предизвика максимална штета. Видов тела под камионот и мажи како плачат за своите жени или деца. Беше ужасно“, изјавил Варде, додавајќи дека возачот убил некои од неговите муштерии.
Полицијата претходно соопштила дека неколку лица загинале кога возилото влетало во толпата, додека повеќе лица биле повредени, но не наведоа точен број на жртви.
Според канадската мрежа CBC, полицијата потврдила дека возачот, кој има 30 години, бил уапсен на лице место, а инцидентот е предизвикан од едно возило и еден осомничен.
Извори за Global News изјавиле дека најмалку осум лица загинале, вклучувајќи едно дете, додека најмалку шест лица се повредени.