ПРВ.мк
Свет

Израел ја започна најголемата офанзива врз Газа – Предградијата под контрола, граѓаните масовно бегаат!

Израел ја започна најголемата офанзива врз Газа – Предградијата под контрола, граѓаните масовно бегаат!

Израелската армија започна официјална копнена офанзива врз градот Газа, при што веќе се заземени неколку клучни периферни области, а илјадници Палестинци принудно го напуштаат градот. Според медиумски извештаи, се очекува стотици илјади жители да добијат наредба за итна евакуација кон јужниот дел од Појасот Газа.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека започнале „прелиминарни акции“, кои претставуваат прв чекор кон освојување на градот Газа. Според воен портпарол, војниците веќе дејствуваат во областите Зејтун и Џабалија, поставувајќи темели за целосна окупација. Планот е официјално одобрен од израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант, и ќе биде презентиран пред безбедносниот кабинет на владата во наредните денови.

Во рамки на подготовките, Израел повика 60.000 резервисти, кои ќе го заменат активниот воен персонал и ќе учествуваат во операцијата.

На ова жестоко реагираше палестинската организација Хамас, обвинувајќи ја Израелската армија за блокирање на мировниот процес и продолжување на „бруталната војна против цивилите“. Во нивната официјална изјава се вели:

„Со објавата за почеток на офанзивата врз Газа, израелската окупаторска армија демонстрира тотално непочитување на меѓународните напори за прекин на огнот и ослободување на заложниците. Премиерот Бенјамин Нетанјаху, со своето одбивање на предлогот од медијаторите, покажува дека тој е главната пречка за мир и не води грижа ниту за израелските заложници.“

Во меѓувреме, меѓународната заедница алармира. Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека израелскиот план може да резултира со катастрофа за двете страни и да предизвика нова ескалација во целиот регион.

Исто така, Меѓународниот комитет на Црвениот крст предупреди дека евентуалното масовно раселување на населението и засилените борбени дејства може дополнително да ја влошат ситуацијата за над 2,1 милиони жители во Газа, која и онака се наоѓа во хуманитарна катастрофа.

Израел ја објави својата намера да го освои целиот Појас Газа откако пропаднаа индиректните разговори со Хамас за прекин на огнот и ослободување на заложниците, кои се водеа изминатиот месец.

Escape