Министерството за надворешни работи на Кина соопшти дека ја поддржува иницијативата на Украина, САД и Европската Унија за воведување 30-дневен прекин на огнот во Украина.
Во официјалното соопштение, Пекинг не се осврна на повикот на рускиот претседател Владимир Путин, кој одбива привремено примирје и инсистира на директни преговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски, закажани за четврток, 15 мај, во Истанбул.
Иако Кина и Русија се стратешки партнери со долгорочни односи, овој став на Пекинг укажува на потенцијално балансиран пристап во справувањето со украинската криза.
Претседателот Си Џинпинг неодамна престојуваше во Москва, каде што присуствуваше на одбележувањето на Денот на победата – 9 Мај, по повод крајот на Втората светска војна. Ова беше неговата единаесетта официјална посета на Русија од преземањето на функцијата во 2013 година.
Шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, изјави дека Киев не гледа смисла во преговори со руски претставници освен директно со Владимир Путин, бидејќи смета дека единствено тој има реална моќ да донесува клучни одлуки во руското раководство.
Во меѓувреме, Европската Унија подготвува нов, 17-ти пакет санкции против Русија, во одговор на продолжената агресија врз Украина. Како што потврди висок претставник на ЕУ за весникот „Киев Индепендент“, пакетот ќе биде претставен на 14 мај, а соговорникот остана анонимен.