Симион: Нема да испраќаме нова воена помош за Украина, ќе ги следам одлуките на Трамп
Романскиот претседателски кандидат Џорџ Симион изјави за Политико дека лично не поддржува испраќање нова воена опрема во Украина и оти ќе се консултира со администрацијата на Доналд Трамп за идни одбранбени прашања. Иако ја осудува руската агресија, Симион е критичен кон Украина, обвинувајќи ја дека не ги почитува правата на романското малцинство, особено во однос на пристапот до училишта и верски институции.
„Имаме сопствени проблеми со Украинците – во многу нешта се однесуваат како Русите“, изјави Симион. Според него, прв приоритет ќе биде решавање на овие прашања со Киев, имајќи предвид дека Романија веќе значајно придонела со воена помош.
Во 2023 година, Украина донесе закон за заштита на правата на малцинствата, а Европската комисија во 2024 даде позитивна оценка за неговата имплементација. Сепак, на Симион му беше забранет влез во Украина три години поради, како што соопшти Киев, „систематски антиукраински активности“.
Доколку победи на изборите на 18 мај, Симион најави дека на седниците на Европскиот совет ќе ја поддржува линијата на Трамп, охрабрувајќи ги и другите европски лидери да го сторат истото. Тој додаде дека е против создавање на „европска армија предводена од Французите“, и дека САД остануваат клучен сојузник во рамките на НАТО.