Амбасадата на Македонија во Абу Даби упати предупредување до македонските граѓани кои се наоѓаат во Саудиска Арабија, особено во главниот град Ријад, поради влошената безбедносна состојба и зачестените ракетни напади и напади со беспилотни летала.
Македонските државјани се повикуваат на зголемена внимателност и строго почитување на безбедносните препораки издадени од надлежните институции во Саудиска Арабија.
Според информациите што ги пренесува Скопје1.мк, при активирање сирени или безбедносни предупредувања, граѓаните треба веднаш да побараат засолниште во затворен простор и да се оддалечат од прозорците и стаклените површини.
Дополнително, се препорачува избегнување поголеми јавни собири, воени објекти и подрачја во близина на границата со Јемен.
Од Амбасадата предупредуваат дека фотографирањето, снимањето и објавувањето снимки од нападите може да претставува прекршување на саудиските закони и да резултира со санкции.
Граѓаните се советуваат редовно да ги полнат своите мобилни телефони, да ги следат официјалните информации и да пријавуваат сомнителни предмети или остатоци од ракети и беспилотни летала преку апликацијата „Tawakkalna“.
Посебно внимание се посветува и на авиосообраќајот, кој е сериозно погоден од безбедносните случувања.
На 10 октомври, по нов напад врз меѓународниот аеродром „Крал Калид“ во Ријад, саудиските воздухопловни власти потврдија дека има повредени лица и дека аеродромските операции се привремено суспендирани.
Поради ваквата состојба, патниците се повикуваат задолжително да го проверат статусот на својот лет и да стапат во контакт со авиокомпанијата пред да тргнат кон аеродромот.
За итна помош, информации или дипломатска асистенција, македонските државјани можат да се обратат до Амбасадата на Македонија во Абу Даби на дежурниот телефонски број +971 56 441 7532.
Од дипломатското претставништво апелираат предупредувањето да биде споделено со сите македонски граѓани кои моментално престојуваат во Саудиска Арабија, за навремено да бидат информирани за безбедносните мерки.









