Случајот со наводното полициско насилство врз двајца млади жители на скопски Сарај добива нови детали, откако се појавија информации дека главниот осомничен за физичкиот напад е полициски инспектор од криминалистичката полиција во Скопје.
Според неофицијалните сознанија на „Инфомакс“, станува збор за полициски службеник од албанска националност, кој бил дел од тимот што ја спроведувал интервенцијата.
Истиот медиум објавува дека внатрешната контрола при Министерството за внатрешни работи веќе утврдила неправилности во постапувањето на полициските службеници и дека се очекуваат санкции за инволвираните лица.
Инцидентот се случил на 7 октомври во Скопје, кога двајца млади на возраст од 21 и 23 години биле запрени од полицијата.
Според нивните тврдења, полициските службеници употребиле прекумерна физичка сила, при што им биле нанесени повреди. Младите тврдат и дека нивното возило било оштетено за време на интервенцијата.
Случајот предизвика реакции од опозициските партии Алијанса за Албанците и ДУИ, кои побараа целосно расветлување на настанот и утврдување одговорност доколку се докаже пречекорување на службените овластувања.
Од друга страна, според информациите наведени во полицискиот записник, за време на интервенцијата еден од двајцата млади му го одзел службениот пиштол на полициски службеник.
Овие околности се предмет на проверка, а надлежните треба да утврдат како точно се одвивал настанот и дали употребената сила била законска и оправдана.
Министерството за внатрешни работи потврди дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ги испитува сите околности на случајот.
Во меѓувреме, телевизија „Телма“, повикувајќи се на извори од МВР, објави дека двајцата млади ќе бидат повикани да ги препознаат полициските службеници кои учествувале во интервенцијата.
Според истите информации, се подготвува кривична пријава со која би бил опфатен најмалку еден полициски службеник.
Иако повеќе медиуми најавуваат санкции, засега нема официјално објавена конечна одлука за одговорноста на сите инволвирани полицајци.







