По мерките во Венеција и Рим, нов бран ограничувања ги погодува туристите низ Италија – но овојпат на неколку од најпосетуваните дестинации.
Во Капри, каде дневно пристигнуваат десетици илјади посетители, се воведуваат строги правила: туристичките групи ќе бидат ограничени, а водичите ќе мора да користат посебни системи наместо гласни објаснувања. Целта е да се намали хаосот и да се врати мирот на островот.
Во меѓувреме, Фиренца оди чекор понатаму – во историскиот центар се воведуваат забрани за тераси и маси на десетици улици, вклучувајќи ги и најпознатите делови. Дел од жителите го поздравуваат потегот, но има и реакции дека мерките може да им наштетат на локалните бизниси.
Слична приказна доаѓа и од Санта Мадалена во Доломити, каде туристите ќе мора да паркираат подалеку и пеш да стигнуваат до најпознатите локации. Ова доаѓа откако селото стана хит на социјалните мрежи и почна да се гуши од еднодневни посетители.
Иако мерките не се целосна забрана, пораката е јасна – масовниот туризам веќе не е добредојден во старата форма. Властите се обидуваат да воведат ред и да создадат поавтентично искуство, но останува прашањето: дали туристите ќе се прилагодат или ова е само почеток на уште построги ограничувања?
















