Во раните утрински часови, околу 5:30 часот, зградата на американскиот конзулат во Торонто била погодена од истрели, при што на објектот се пронајдени траги од пукање и дупки од куршуми. Полицијата потврди дека нема повредени лица.
По пријавата, полицајците извршиле увид и констатирале докази за употреба на огнено оружје. Телевизиските снимки покажуваат две дупки од куршуми на стаклената влезна врата на конзулатот, а фотографии објавени на социјалните мрежи прикажуваат и искршено стакло пред главниот влез.
Полицијата во Торонто ја води истрагата, но засега нема информации за осомниченото лице ниту за можните мотиви за нападот.
Инцидентот се случува само неколку дена откако експлозивна направа експлодираше пред американската амбасада во Осло, Норвешка. Норвешките власти тогаш истакнаа дека сторителот сè уште не е идентификуван, но се разгледува можна поврзаност со конфликтот меѓу САД и Израел од една страна и Иран од друга.
















