ПРВ.мк
Свет

ГОЛЕМА ПРОМЕНА: Воениот рок се продолжува од четири на 11 месеци!

ГОЛЕМА ПРОМЕНА: Воениот рок се продолжува од четири на 11 месеци!

Данска воведе значајни измени во системот на задолжителната воена служба, продолжувајќи го воениот рок од досегашните четири на 11 месеци. Одлуката е дел од пошироките мерки за зајакнување на одбранбените капацитети на земјата во услови на зголемени безбедносни предизвици во Европа, особено поради војната во Украина.

Според данските медиуми, околу 1.600 млади Данци веќе ја започнале воената служба според новиот модел. Иако системот и понатаму се темели првенствено на доброволно пријавување, доколку бројот на доброволци не биде доволен, останатите регрути ќе се избираат преку жрепка.

Една од најзначајните новини е тоа што од оваа година задолжителната воена служба е проширена и на жените постари од 18 години. Веќе околу 20 проценти од новите регрути се жени, што претставува важен чекор во модернизацијата на данскиот одбранбен систем и поголема вклученост на двата пола во вооружените сили.

Началникот на данската одбрана, Михаел Хилдгард, истакна дека воената служба не само што ги подготвува младите за одбранбени задачи, туку и им помага да развијат чувство на одговорност и придонес кон општеството.

Меѓу новите регрути е и 19-годишната данска принцеза Изабела, најстарата ќерка на кралскиот пар. Таа ќе ги помине следните 11 месеци во Гардискиот хусарски полк, стациониран во касарната Антворсков. Според данските медиуми, принцезата доброволно се откажала од платата што ѝ следува за време на воената служба.

Нејзиниот брат, престолонаследникот Кристијан, веќе го има завршено воениот рок, а минатата година започна и офицерска обука. Учество на членовите на кралското семејство во вооружените сили е долгогодишна традиција во Данска, практика која ја следат и други европски монархии.