Париз јасно ја повлече линијата – француските воени бази на Блискиот Исток нема да бидат ставени на располагање за американски операции против Иран.
Откако светските медиуми објавија дека американски сили се распоредуваат во француски објекти во регионот, францускиот Генералштаб официјално ги демантираше тие информации. Според нив, на САД не им е дозволено да ги користат француските бази на Блискиот Исток за борбени мисии.
Сепак, беше појаснето дека од базата Istres-Le Tubé Air Base, која се наоѓа на територија на Франција, е можно ограничено полетување – но исклучиво за авиони за логистичка и одбранбена поддршка, не и за борбени летала.
„Ова е рутинска процедура во рамки на NATO. Франција инсистира овие средства да не бидат вклучени во операциите што САД ги спроведуваат во Иран“, соопштија од Генералштабот.
Од Вашингтон, како што наведуваат француските власти, било потврдено дека базата ќе се користи строго според поставените услови – без борбени мисии и без учество во напади.
Со ова, Франција испраќа силна дипломатска порака: сојузништвото останува, но без автоматска поддршка за секоја воена акција. Прашањето е дали ваквиот став ќе влијае врз односите меѓу Париз и Вашингтон во време на засилени глобални тензии.


















