Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека Европската Унија со најновиот, 18-ти пакет санкции против Русија, задала сериозен удар врз руската воена способност.
– Го поздравувам договорот за нашиот 18-ти пакет антируски санкции. Удираме во самото срце на руската воена машина, рече фон дер Лајен во изјава што ја пренесе агенцијата Ројтерс.
Станува збор за континуирана стратегија на ЕУ за притисок врз Кремљ, откако Русија ја започна инвазијата на Украина во 2022 година. Секоја нова рунда санкции има за цел да ги ослаби воените, економските и технолошките капацитети на Москва.
Од руска страна, реакцијата не изостана. Портпаролот на претседателот Владимир Путин, Дмитриј Песков, остро ги осуди санкциите, нарекувајќи ги „нелегални и еднострани“.
– Русија се спротивставува на ваквите ограничувања, истакна Песков, додавајќи дека земјата ќе ги анализира новите мерки и ќе преземе одговор соодветен на нивното влијание.