Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека за да се постигне мир во Украина, Европската унија треба да го поддржи одржувањето на средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп во Будимпешта.
„Средба без никакви пречки и со целосна поддршка од ЕУ — тоа е мојот официјален став“, рече Фицо, пренесува агенцијата ТАСР.
Тој оцени дека постојат обиди да се попречи оваа средба, што ги нарече „грда глетка“. Според него, некои министри за надворешни работи од земји-членки на ЕУ дури дале изјави дека Путин би можел да биде уапсен доколку неговиот авион мине низ нивната територија. Исто така, медиуми блиски до Европската комисија повикале Унгарија да го спроведе меѓународниот налог за апсење против Путин.
Фицо потенцира дека Европската унија се претворила во „воен кабинет“, а многу нејзини членки ја поддржуваат војната во Украина, мислејќи дека така ќе ја ослабнат Русија, што според него е наивно.















