Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека меѓу клучните земји-членки на НАТО постојат сериозни разлики по однос на односот кон Русија. Според него, САД се за мир, додека нивните европски сојузници се за војна, коментирајќи ги последните изјави на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за подготовките за војна.
Орбан нагласи дека во светската политика се појавил нов феномен: двата столба на НАТО, Американците и Европејците, „зборуваат сосема различни работи“. „Америка сака мир, а Европа сака војна“, рече тој во интервју за списанието „Мандинер“.
Во врска со запленувањето на рускиот имот на Запад, Орбан истакна дека тоа може да има непредвидливи последици за Европската Унија. Тој смета дека, иако изгледа како економско прашање, станува збор за директен чекор што би можел да доведе до војна. „Запленувањето на руските девизни резерви и нивното користење за помош на страна која е во војна со Русија е објава на војна“, предупреди Орбан, додавајќи дека вакво нешто „не се случило дури ни за време на Втората светска војна“.
















