Состојбата на Блискиот Исток драматично ескалира откако Израел изврши силни воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут, под контрола на Хезболах, по што групата, поддржана од Иран, лансираше ракети и беспилотни летала кон Израел. Жителите на Бејрут беа разбудени околу 3 часот утрово од десетици експлозии, додека Израел таргетираше три различни локации во јужните предградија. До овој момент, загинати се најмалку 31 лице, а околу 149 се ранети.
Израелските власти соопштија дека целите на Хезболах биле погодени низ јужен Либан, вклучувајќи ја долината Бека и предградието Дахие во Бејрут. ИДФ потврди дека неколку високи офицери на Хезболах загинале во нападите. Началникот на израелската армија, генерал-потполковник Ејал Замир, истакна дека Хезболах носи целосна одговорност за ескалацијата и дека секој кој ја загрозува безбедноста на Израел ќе плати висока цена.
Хезболах соопшти дека дејствува во одбрана на Либан и неговиот народ и дека нападите врз нивните лидери и цивили се причина за нивната одмазда, додека се подготвуваат да возвратат „во соодветно време и место“.
Ситуацијата се прошири и на европско тло – Кипар го подигна нивото на тревога по напад со беспилотни летала врз британската воена база РАФ Акротири. Властите затворија училишта и спроведоа евакуации каде што беше потребно. Кипарскиот претседател Никос Христодулидес нагласи дека безбедноста на земјата е врвен приоритет и дека е во постојан контакт со европските и меѓународните лидери за развојот на настаните.
Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, повика на транзиција кон демократија во Иран по смртта на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи и истакна дека е неопходно да се спречи понатамошна ескалација што би можела да го загрози регионот, Европа и пошироко.
Поради конфликтот, повеќе од 1.000 летови кон и од Блискиот Исток се откажани – до утринските часови биле откажани најмалку 1.239 летови. Се очекува војната да предизвика ценовен шок на нафтениот пазар и зголемување на цените на основните производи.


















