НАТО повторно мораше да реагира откако балистичка ракета лансирана од Иран влезе во воздушниот простор на Турција, земја членка на Алијансата. Според официјалните информации од турското Министерство за одбрана, ракетата била навреме пресретната и уништена од системите за противвоздушна и противракетна одбрана на НАТО кои се распоредени во источниот дел на Медитеранот.
Во соопштението се наведува дека делови од уништената ракета паднале на празни површини во областа Газијантеп, но за среќа во инцидентот немало загинати ниту повредени лица. Иако материјалната штета не е прецизирана, властите потенцираат дека ситуацијата можела да има многу посериозни последици доколку проектилот не бил навреме пресретнат.
Турските власти нагласуваат дека нивната земја се стреми кон стабилни и добри односи со соседните држави, како и кон зачувување на регионалната стабилност. Сепак, од Анкара јасно порачаа дека нема да толерираат никаква закана кон својот територијален интегритет и воздушен простор. Во соопштението се додава дека сите неопходни чекори ќе бидат преземени решително и без двоумење доколку повторно се појави слична опасност.
Во истата порака се испраќа и јасно предупредување дека е во интерес на сите страни да ги почитуваат сигналите и предупредувањата кои доаѓаат од Турција, што многумина го толкуваат како директна порака кон Техеран.
Според информациите на агенцијата Ројтерс, ова е втор случај во кој иранска балистичка ракета навлегува во турскиот воздушен простор. Овој факт дополнително ги зголемува стравувањата дека ситуацијата во регионот може да се влоши и да доведе до пошироки безбедносни последици.
По инцидентот се огласи и шефот на комуникации на турското претседателство, Бурханетин Дуран, кој преку објава на социјалната мрежа „X“ потврди дека ракетата била лансирана од Иран и била насочена кон Турција. Според него, проектилот бил пресретнат и неутрализиран навреме од елементите на НАТО системот за противвоздушна и противракетна одбрана над округот Шахинбеј во провинцијата Газијантеп.
Тој нагласи дека сите турски институции внимателно го следеле развојот на настаните уште од самиот почеток. Веднаш биле активирани сите неопходни безбедносни и одбранбени мерки, а надлежните институции, предводени од Министерството за национална одбрана, дејствувале во целосна координација.
Дуран додаде дека решителноста и капацитетот на турската држава за заштита на својот воздушен простор и границите се на највисоко ниво. Во исто време тој предупреди дека е од исклучително значење тензиите во регионот да не се зголемат дополнително и конфликтите да не се прошират на поголема територија.
Во пораката повторно беше упатен повик до сите страни, а особено до Иран, да се воздржат од активности кои би можеле да ја загрозат регионалната безбедност и да ги стават цивилите во опасност.
Интересно е што неколку часа пред инцидентот портпарол на иранското Министерство за надворешни работи изјавил дека Техеран не извршувал напади врз Турција, Азербејџан или Кипар. Иранските власти повториле дека немаат намера да ја напаѓаат соседната и, како што ја нарекоа, „пријателска“ Турција.
Во меѓувреме, се појавија и информации дека можната цел на ракетата можела да биде важна воена локација. Според извештај на „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на американски воени извори, постои сомневање дека проектилот можеби бил насочен кон клучната НАТО воздушна база во Инџирлик, која се наоѓа во јужната турска провинција Адана.
Во оваа база се стационирани околу 1.500 припадници на американското воено персонал и таа се смета за еден од најважните воени центри во регионот. Поради зголемената напнатост, американската амбасада во Анкара соопшти дека Вашингтон им препорачал на службениците кои не се неопходни да го напуштат конзулатот во Адана.
Исто така, на американските државјани им било советувано да го напуштат југоисточниот дел на Турција. Паралелно со тоа, НАТО објави дека го засилил својот систем за противбалистичка ракетна одбрана, откако Иран ги интензивира нападите во поширокиот регион.


















