Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека извршиле серија воздушни напади врз цели поврзани со Хезболах на повеќе локации низ Либан. Според официјалното соопштение, меѓу погодените објекти се наоѓа и камп за обука на припадници на милитантната група, како и дополнителна воена инфраструктура.
ИДФ тврдат дека кампот бил користен за обука на оперативци, вклучувајќи вежби со боева муниција, ракување со артилериско оружје и складирање на вооружување. Информациите ги пренесува „Тајмс оф Израел“.
Во рамки на нападите, израелската војска наведува дека биле уништени позиции со ракетни фрлачи, како и друга клучна инфраструктура на Хезболах. Дополнително, извршени биле и удари длабоко во либанската територија врз објекти кои, според ИДФ, служеле за складирање оружје и за спроведување воени активности.
Од ИДФ истакнуваат дека ваквите активности на Хезболах претставуваат директно кршење на договорот меѓу Израел и Либан постигнат минатата година, како и сериозна безбедносна закана за Израел.
















