ПРВ.мк
Свет

Трамп разговарал со Путин: Побарал брз крај на војната и рестарт на односите

Трамп разговарал со Путин: Побарал брз крај на војната и рестарт на односите

Американскиот претседател Доналд Трамп побарал од рускиот претседател Владимир Путин што побрзо завршување на војната во Украина, што според него би создало услови за целосно обновување на односите и трговската соработка меѓу САД и Русија.

Како што соопшти Кремљ по телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери, една од главните теми биле мировните преговори и можностите за повторно воспоставување на економските врски меѓу Вашингтон и Москва.

Советникот на рускиот претседател за надворешна политика, Јуриј Ушаков, разговорот го оценил како позитивен сигнал по неодамнешните контакти на американските посредници во Москва и Киев.

Според руската страна, Трамп нагласил дека сака конфликтот да заврши што е можно побрзо, оценувајќи дека тоа би отворило значителни можности за обновување на билатералните односи.

„Доналд Трамп јасно нагласи дека сака конфликтот да заврши што е можно поскоро, што веднаш би отворило силни изгледи за целосна обнова на односите. Тоа би имало посебно влијание врз трговските и економските врски, а двете земји би имале голема корист“, изјавил Ушаков.

Путин, пак, го информирал Трамп за руската проценка на актуелната состојба на теренот во Украина. Според Кремљ, рускиот претседател истакнал и дека Москва нема непријателски намери кон Европа.

Во разговорот биле разгледани и чекорите што, според Москва, би требало да ги преземе Вашингтон за да се придвижи процесот кон завршување на конфликтот.

Двајцата претседатели се согласиле да продолжи и процесот на размена на затвореници, но засега не се соопштени дополнителни детали.

Евентуалното приближување меѓу Вашингтон и Москва, особено во економската сфера, би можело да отвори нова фаза во односите меѓу двете земји по години санкции и силни политички тензии.