Во дипломатските кругови се појавија информации дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп разматра можност маѓарскиот премиер Виктор Орбан да добие висока функција во Обединетите нации. Според извештаите од светските медиуми, Вашингтон за оваа идеја наводно разговарал и со Москва и со Пекингот, со цел Орбан да биде заеднички кандидат на овие големи сили.
Иако првичните шпекулации го поврзуваа со позицијата генерален секретар на Светската организација, дел од аналитичарите и медиумите сметаат дека целта може да биде друга висока функција во рамките на ОН. Таквиот чекор би му обезбедил дипломатски имунитет, што отвора прашања за можните заднински мотиви и политички пресметки во Унгарија.
Различни теории во дипломатските кругови
Унгарските и британските медиуми наведуваат неколку можни сценарија зад овие дипломатски маневри:
- Тестирање на теренот: Вашингтон наводно сака да ги испита реакциите на меѓународната заедница преку неофицијално пуштање на информацијата во јавност.
- Внатрешен отпор: Информациите можеби намерно биле обелоденети од дипломати кои се противат на вакво сценарие со цел да се спречи неговата номинација.
- Дипломатски имунитет: Според британскиот The Times, споменувањето на позицијата генерален секретар може да биде само тактика за подоцна да се предложи друга висока функција во ОН, која би му донела заштита и имунитет.
Слични сценарии во мај најавуваше и унгарскиот истражувачки новинар Саболч Пањи, чии извори тврдеа дека идејата потекнува од круговите блиски до движењето „МАГА“ во САД, а опфаќала можни позиции како заменик генерален секретар или друга функција во меѓународните институции.
Самиот Орбан сè уште нема дадено официјална потврда, но според неофицијални извори, тој не ја отфрлил можноста доколку постои силна сигурност за добивање на функцијата.







