Глобалната индустрија за оружје во 2024 година достигна историски највисоки приходи, поттикната од војните и растечките геополитички тензии ширум светот, покажуваат најновите анализи на Штокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања (SIPRI). Според податоците, 100-те најголеми одбранбени компании оствариле раст од 5,9% и досега невидени 679 милијарди долари приходи – бројка што јасно укажува дека глобалното вооружување влегува во нова ера.
SIPRI потенцира дека побарувачката е најмногу поттикната од конфликтите во Украина и Газа, но и од пошироките регионални и глобални тензии. Со цел да ги задоволат новите потреби, многу компании го зголемиле производството, отвориле нови фабрики или апсорбирале конкуренти, што дополнително го засилило темпото на раст.
САД сè уште на врвот, но Европа го бележи најбрзиот подем
Американските производители и понатаму доминираат со 39 компании во топ 100 листата. Нивните приходите пораснале за 3,8%, достигнувајќи 334 милијарди долари – речиси половина од глобалниот вкупен промет. На самиот врв остануваат гигантите Lockheed Martin, RTX и Northrop Grumman.Интересно е што за првпат на листата се појавува и SpaceX на Илон Маск, која со 1,8 милијарди долари скокна на 77. место.
Од друга страна, Европа станува најдинамичниот играч во индустријата. Во земјите од континентот (без Русија), приходите од продажба на оружје се зголемиле за 13% и достигнале 151 милијарда долари. Главниот двигател на овој раст е војната во Украина и засиленото чувство на закана од Русија.Германските производители – Rheinmetall, ThyssenKrupp, Hensoldt и Diehl – бележат неверојатен раст од 36%, со приближно 14,9 милијарди долари приходи.
Раст и на истокот на Европа, но и на Блискиот Исток
Конфликтот меѓу Украина и Русија директно ги засили приходите на одбранбените компании од двете држави. Украинскиот Ukroboronprom забележал раст од 41%, достигнувајќи 3 милијарди долари.Во Русија, пак, Rostec и United Shipbuilding Corporation оствариле 23% раст, со вкупни 31,2 милијарди долари, и покрај санкциите и ограничениот пристап до одредени компоненти.
Во Израел, компаниите на листата бележат вкупен раст од 16% и 16,2 милијарди долари приходи. И покрај критиките поради војната во Газа, светската побарувачка за израелски системи останува многу висока.
Кинеската индустрија во криза – неочекуван пад
Иако долг период важеше за брзорастечка сила во вооружувањето, кинеската одбранбена индустрија годинава бележи пад од 10%. Причината, според SIPRI, лежи во сериозни корупциски скандали во системот за државни набавки, што доведе до одложување и прекин на значајни договори.
Регионот Азија–Пацифик, иако има раст кај Јапонија и Јужна Кореја, сепак вкупно бележи пад од 1,2%. Тоа го прави единствениот регион во светот каде приходите опаѓаат, што е изненадување во контекст на глобалното засилување на вооружувањето.
„Европа станува жариште на новото вооружување“ – предупредува Greenpeace
Според Greenpeace, актуелните податоци покажуваат јасен тренд: центарот на светската индустрија за оружје постепено се префрла кон Европа. Активистот за разоружување Александар Лурц предупредува дека рекордните буџети за одбрана го покажуваат „најбрзиот марш на светот во погрешна насока“.
Тој смета дека тековниот модел на нагло вооружување не може да донесе стабилност: „Сигурноста и мирот нема да дојдат на овој начин.“
SIPRI го следи растот на глобалните продажби на оружје од 1989 година, а кинеските производители ги вклучува во анализите од 2015 година.
















