Италијанската полиција се соочува со една од најшокантните истраги последниве години, откако познатиот трговец со антиквитети Франко Ѓорџи (74) и неговата сопруга Џана ди Нардо (68) беа пронајдени мртви во нивниот дом во Фиренца. Телата, со повеќекратни убодни рани, ги открил нивниот син, кој дошол да провери зошто родителите не одговараат на повиците. Она што го затекнал во станот веднаш ја покренало истрагата во неколку насоки.
Станот бил буквално облеан со крв, со јасни траги на борба во повеќе простории, пренесуваат италијанските медиуми. Телата биле најдени меѓу влезот и дневната соба, што дополнително ги заматува околностите околу трагедијата.Истрагата ја водат обвинителката Роса Волпе и заменик-обвинителот Алесандро Пишителли, кои не исклучуваат ниту една можност – од убиство со самоубиство, па сè до двојно убиство извршено од трето лице. Почетните сомнежи укажуваат дека раните биле нанесени со нож или друг остар предмет.
Според „Кориере дела Сера“, во домот не недостасуваат вредности, ниту има знаци на провала. На мажот му биле забележани порезни рани на вратот, додека жената имала повеќе убоди по целото тело, вклучувајќи го и стомакот. Дополнително, наближени лица сведочат дека Франко Ѓорџи во последниот период се борел со симптоми поврзани со депресија, што ја отвора и можноста за драматичен семеен расплет.
Карабињерите веќе собираат сведочења од роднини, соседи и познаници, а се проверуваат и снимки од надзорните камери во околината. Од станот е запленет кујнски нож, кој ќе биде форензички обработен за да се утврди дали отпечатоците се на жртвите или можеби на трето лице. Судот веќе нареди обдукција, која треба да даде клучни одговори.
Иако зградата се наоѓа во густо населен дел на градот, засега не е јасно како никој не слушнал врисок, бучава или каков било знак за насилен инцидент – факт што дополнително ја продлабочува мистеријата.
Соседите се збунети и потресени. Го опишуваат брачниот пар како смирен, љубезен и секогаш подготвен да помогне. Франко Ѓорџи беше високо ценет во светот на антикварството, а неговата галерија, лоцирана меѓу квартовите Санто Спирито и Сан Фредијано, важеше за едно од најзначајните места во Фиренца.
















