Српските власти уапсија тројца мажи под сомнение за планирање на насилен обид за уривање на државната власт. Според медиумите, осомничените се состанале на 21 јуни во хотел во Кралево, каде, наводно, договарале насилни акции насочени кон државни институции и медиуми.
Уапсените, идентификувани како И. М., Н. А. и Б. М., се сомничат за заговор за вооружен напад врз полицијата и насилен упад во Владата на Србија, како и во просториите на РТС, телевизиите Хепи и Информер. И. М. бил фатен во близина на Пожега со пиштол без сериски број, полн магацин и дополнителни 25 куршуми, што дополнително го товари за недозволено носење оружје.
Н. А. и Б. М. се уапсени во Крагуевац, а сите тројца ќе се појават пред Вишото јавно обвинителство во Белград во рок од 48 часа. Полицијата продолжува со потрага по други лица поврзани со случајот.
Меѓу уапсените, како што пренесува порталот Нова.рс, е и Иван Матовиќ – потпретседател на партијата „Ново лице Србије“ и лидер на групата „Староседелци на Кралево“. Неговиот адвокат го потврдил апсењето.