Русија го прекина еден од најважните нуклеарни договори со САД, што носи навестување дека тензиите меѓу двете земји би можеле да влезат во нова фаза на Студена војна. Овој потег доаѓа во момент кога односите меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот лидер Доналд Трамп се постојано заладени. Трамп неодамна изрази фрустрација поради тоа што Москва не покажува вистинска желба за преговори околу мирот во Украина и минатата недела го откажа долго планираниот самит со Путин. Американскиот претседател јасно нагласи дека разговорите нема да се одржат сè додека не се докаже дека Кремљ е подготвен на реален договор.
По завршувањето на Студената војна, Москва и Вашингтон демонтираа илјадници нуклеарни боеви глави, но и понатаму останаа со огромни резерви на плутониум за оружје. Складирањето на овие материјали е не само скапо, туку и претставува голем ризик за ширење на нуклеарното оружје.
Спогодбата за управување и уништување на плутониумот (PMDA) стапи на сила во 2011 година. Според американските официјални лица, двете земји се обврзаа да се откажат од најмалку 34 тони плутониум – количина доволна за производство на околу 17.000 нуклеарни боеви глави. Целта на договорот беше овој опасен материјал да се трансформира во побезбедни форми, како што е нуклеарното гориво MOX, или да се користи за производство на електрична енергија преку реактори со озрачување.
Москва веќе го суспендираше договорот во 2016 година, посочувајќи ја како причина серија на санкции, „непријателски потези“ од страна на САД, проширување на НАТО и промени во начинот на кој Вашингтон го отстранува плутониумот.
И покрај сè, Русија и САД продолжуваат да бидат најмоќните нуклеарни сили во светот, со комбинирани залихи од околу 8.000 нуклеарни боеви глави. За споредба, пред речиси четири децении, во 1986 година, двата суперсили поседувале дури 73.000 нуклеарни боеви глави, покажува истражувањето на Федерацијата на американски научници.
Не дознавај последен- читај ПРВ.мк













