Граѓанин на Србија (51) се соочува со тешки обвиненија во Швајцарија, откако една од повредените жртви починала како последица на нападот кој се случил на 9 април.
Според швајцарските медиуми, 65-годишна жена починала на 21 април, по 12 дена поминати во болница, каде се борела за живот по тешките повреди.
Инцидентот се случил во стан во градот Сент Гален, кога, според истрагата, осомничениот влегол во домот и физички нападнал четири лица – еден маж и три жени. Сите жртви се здобиле со сериозни повреди.
Еден од повредените изјавил за медиумите дека нападот се случил многу брзо и дека не се сеќава на сите детали поради сериозноста на повредите. Според неговото сведочење, напаѓачот се појавил во момент кога бил отворен влезот во домот и веднаш започнал напад.
Истрагата наведува дека се проверува можен мотив поврзан со обид за кражба, но засега нема официјална потврда за причината на нападот.
Осомничениот бил уапсен кратко по настанот во полициска акција во близина на местото на нападот. Истражните органи во Сент Гален продолжуваат со постапката и утврдување на сите околности.










