Бил Гејтс ќе ја затвори фондацијата до 2045 и ќе се откаже од речиси целото свое богатство: „Не сакам да умрам богат“
Бил Гејтс неодамна објави дека до крајот на 2045 ќе ја затвори својата фондација и дека во следните две децении речиси целосно ќе се откаже од своето богатство. Во блог објавен на 69-годишна возраст, тој напиша:
„Ќе се кажуваат многу работи за мене кога ќе умрам, но решен сум тоа да не биде: ‘умре богат’. Премногу итни проблеми треба да се решат за јас да ги задржам ресурсите што би можеле да им помогнат на луѓето.“
Со проценето богатство од 168 милијарди долари, Гејтс со години најавуваше дека ќе го донира најголемиот дел преку фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“, основана во 2000 година. Досега, фондацијата донирала над 100 милијарди долари, главно насочени кон здравство, борба против болести, образование и климатски прашања.
Според новиот план, фондацијата до своето затворање треба да донира уште 200 милијарди долари. Годишниот буџет ќе порасне од 6 на 9 милијарди долари, прилагодено според инфлацијата и економските услови.
Клучни цели до 2045:
Намалување на смртноста кај мајки и деца од болести што можат да се спречат
Искоренување на болести како полио, маларија, морбили и Гвинејски црв
Инвестиции во образованието и земјоделството во Африка за извлекување на милиони од сиромаштија
Гејтс потенцира дека иако фондацијата може многу да постигне, таа не може да ја замени улогата на владите – особено сега, кога буџетите за странска помош се во опаѓање. Тој изрази загриженост што дури ни организација од таа големина не може да го пополни тој вакуум.
Влијанието на семејството и пријателите
Гејтс открива дека најголемо влијание врз него имала неговата мајка Мери, која го учела дека „на оној кому му е дадено многу – многу му се очекува“. И неговиот татко, кој беше ко-претседател на фондацијата до својата смрт во 2020 година, ја делел истата вредност. Силна улога имал и Ворен Бафет – долгогодишен пријател и соработник – кој му ја претставил идејата за целосно дарување на богатството.
Заедно со Бафет и Мелинда Франс Гејтс, Бил во 2010 ја основа иницијативата Giving Pledge, преку која над 240 милијардери се обврзаа дека ќе донираат најголем дел од своето богатство додека се живи.
„Човекот што умира богат, умира со срам“
Гејтс се повикува и на есејот на индустријалецот Ендрју Карнеги – Евангелието на богатството од 1889 година – кој оставил силен впечаток врз него. Особено мислата: „Човекот што умира богат, умира со срам“. Тоа го натерало да го забрза темпото на донации, но и да ги повика другите богати луѓе да размислат колку повеќе би можеле да направат – и побрзо.
„Верувам дека светот ќе биде подобар за 20 години“
Во разговор за New York Times, Гејтс изјави дека останува оптимист, особено поради напредокот во технологијата и здравството. Вештачката интелигенција, според него, ќе игра огромна улога во решавање на глобалните предизвици.
„Дури и ако не сум оптимист, што да направам? Да купувам јахти? Да трошам на коцкање?“ вели тој. „Овие пари треба да се вратат на општеството – на начини што ќе донесат најмногу добро.“