Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, денеска изјави дека Москва се залага за мир во Украина, а не за прекин на огнот, и ја отфрли идејата на украинскиот претседател Володимир Зеленски за одржување референдум за територијалното прашање.
„Ако целта е да се создаде изговор за барање прекин на огнот или пауза на фронтот, тоа природно нема да функционира. Ние сакаме да работиме на мир, а не само на прекин на огнот“, рече Песков, пренесува РИА Новости.
Тој истакна дека прекинот на огнот би бил „измама и трик“ и дека мирот во Украина мора да има „сигурни гаранции“. Москва постојано потенцира дека регионите што станаа дел од Русија се составен дел на земјата и дека тоа е „неоспорен и непобитен факт“.
Минатата недела, рускиот претседател Владимир Путин го прими во Кремљ специјалниот пратеник на американскиот претседател, Стивен Виткоф, како и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, со кого разговараше околу пет часа за мировната иницијатива на САД. Сепак, според руската агенција, сè уште не е постигнат компромис.
Рускиот лидер објасни дека Вашингтон ги поделил 27-те точки од оригиналниот план во четири насоки и предложил тие да се дискутираат одделно, но дека Москва има прашања со кои не се согласува.
Во меѓувреме, Зеленски отпатува во Велика Британија, каде што разговараше со европските лидери за американскиот предлог, но по состанокот не направи отстапки во врска со територијалното прашање, пренесуваат украинските медиуми.
















