Рускиот претседател Владимир Путин не се откажува од својата амбиција да ја контролира Украина, и покрај напорите на САД да посредуваат за постигнување на прекин на огнот, објави Вашингтон пост, повикувајќи се на извори запознаени со доверливите извештаи на американските разузнавачки служби.
Според еден американски функционер, Путин има „долгогодишна желба да ја обнови ‘Мајката Русија’“ и останува решен да ја воспостави контролата врз Киев.
Оваа проценка беше вклучена во разузнавачките извештаи доставени до администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп на 6 март.
Некои официјални лица веруваат дека дури и доколку Русија се согласи на привремен прекин на огнот, Москва би ја искористила паузата за повторно вооружување, кршење на договорот и извршување провокации кои потоа би ги припишала на Украина.
Пред три дена, за време на преговорите во Џеда, Украина се согласи на 30-дневен прекин на огнот, под услов Русија да го стори истото. Овој договор доведе до обновување на воената и разузнавачката поддршка од страна на Вашингтон за Киев.
Путин вчера изјави дека Русија е подготвена да го прифати американскиот предлог за прекин на огнот, но само ако Украина ја прекине мобилизацијата, воената обука и увозот на оружје.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги отфрли условите на Путин како „руска манипулација“ и повика на посилни санкции против Москва.
Трамп, кој претходно предупреди на „погубни“ финансиски последици за Русија доколку војната се продолжи, вчера изјави дека изјавата на Путин е „многу ветувачка“, но „не е целосна“.
Европски разузнавач за Вашингтон пост изјави дека Москва го гледа Трамп како слаб, непринципиелен и потенцијално подложен на манипулации, врз основа на последните разузнавачки информации.
Ако се постигне траен прекин на огнот, Русија најверојатно ќе се врати на „хибридни“ методи како пропаганда, економски притисок и сајбер напади кои ги користеше против Украина пред инвазијата во 2022 година, додаде функционерот.
Американските власти се уште се внимателни во проценката на можните мировни услови што Путин би можел да ги прифати, но не гледаат знаци дека тој се откажал од своите напори да го врати Киев под руска контрола.
Западни безбедносни извори за Блумберг претходно изјавија дека Путин поставил „максималистички“ барања за територијални отстапки, мировни сили и украинска неутралност, свесен дека овие услови се неприфатливи за Киев и европските земји.