ПРВ.мк
Свет

Алармантно предупредување за родителите: Овие две детски седишта може да бидат опасни при сообраќајна несреќа

Алармантно предупредување за родителите: Овие две детски седишта може да бидат опасни при сообраќајна несреќа

Германскиот автомобилски клуб АДАК објави итно предупредување до родителите откако при независно тестирање открил сериозни безбедносни недостатоци кај два модела детски автомобилски седишта.

Станува збор за моделите Britax Römer Baby-Safe Pro во комбинација со базата Vario Base 5Z и Axkid Minikid Core.

Резултатите биле толку загрижувачки што експертите одлучиле да ја информираат јавноста пред објавувањето на целосниот извештај, закажано за 20 октомври.

Најсериозниот проблем бил забележан кај седиштето Britax Römer Baby-Safe Pro, поставено на соодветната Isofix база во најнавалена положба.

При симулиран фронтален судир се отворила токата на безбедносниот појас, поради што тест-куклата излетала од седиштето.

АДАК предупредува дека ваков дефект во вистинска сообраќајна несреќа би можел да предизвика тешки повреди.

Сепак, при тестирањето во поисправена положба или при правилно поставување со автомобилскиот појас без наведената база, проблемот не се појавил.

Сериозни недостатоци биле откриени и кај Axkid Minikid Core, каде што при тестот се вовлекла потпорната нога, а токата на појасот се одвоила од конструкцијата.

Иако куклата останала во седиштето, ризикот од повреди бил оценет како неприфатливо висок.

Двата производители најавиле доброволни повлекувања на засегнатите производи и можности за замена или соодветно сервисирање.

Родителите кои ги користат овие модели треба веднаш да ги проверат ознаките, датумите на производство и информациите за повлекување, а потоа да контактираат со производителот или продавачот.

Експертите предупредуваат дека не треба самостојно да се поправаат безбедносните механизми или да се импровизира со поставувањето.

АДАК препорачува да не се купуваат наведените модели додека не се решат утврдените безбедносни проблеми.