ПРВ.мк
Свет

Загриженост за здравјето на папата Лав: Извршена операција на белите дробови, познати првите информации

Загриженост за здравјето на папата Лав: Извршена операција на белите дробови, познати првите информации

Папата Лав XIV денеска, 13 октомври, беше успешно опериран во болницата „Џемели“ во Рим, каде што лекарите му отстраниле мал израсток од едното белодробно крило.

Ватикан официјално потврди дека хируршката интервенција поминала успешно и според однапред утврдениот план.

„Операцијата беше завршена успешно, во предвиденото време и според планот“, соопшти прес-службата на Светата столица.

Седумдесет и едногодишниот поглавар на Римокатоличката црква бил подложен на интервенција откако при неодамнешен рутински медицински преглед бил откриен мал, локализиран јазол на белодробното крило.

Папата претходно изјавил дека промената била забележана во рана фаза, по што лекарите препорачале оперативно отстранување.

Хируршкиот тим бил предводен од професорот Стефано Маргаритора, раководител на торакалната хирургија во болницата „Џемели“.

По завршувањето на операцијата, папата бил вратен во болничката соба, каде што ќе продолжи неговото закрепнување.

Засега не е соопштено дали отстранетиот израсток е бениген или малиген. За тоа ќе бидат потребни дополнителни медицински анализи.

Според најавите од Ватикан, се очекува папата да остане во болница приближно една недела.

Сите негови јавни активности се откажани до 20 октомври, со цел да му се овозможи непречено закрепнување.

Ова е првиот поголем здравствен проблем на папата Лав XIV откако го презеде водството на Римокатоличката црква во мај 2025 година.

Од Ватикан најавуваат дека дополнителни информации за неговата здравствена состојба ќе бидат соопштени во наредниот период.