Холивудската ѕвезда Леонардо Дикаприо доживеал необична непријатност за време на престојот на Ибица, кога шпанската полиција го запрела на влезот на ексклузивна забава без да го препознае. Настанот бил снимен, а видеото брзо се проширило на социјалните мрежи, предизвикувајќи голем интерес кај јавноста.
Полицајците го запреле Дикаприо и неговата придружба пред да влезат во клубот, барајќи од нив да поминат низ детална проверка. Додека чекал својот ред, актерот мирно гледал во мобилниот телефон, а во позадина се слушал женски глас кој вели: „Во моментов ме претресуваат темелно.“ Не е потврдено дали гласот и припаѓал на неговата девојка, Виторија Черета, која исто така била со него на Ибица.
Извор за „Пејџ Сикс“ открил дека полицијата не го издвојувала само Дикаприо, туку сите гости на забавата биле рутински претресени и идентификувани, и тоа поради безбедносни причини. На забавата имало и други познати личности, а Дикаприо бил пуштен веднаш штом полицајците го утврдиле неговиот идентитет.
Ова не е првпат актерот да го минува летото на Ибица. Последниве години често ја избира островската атракција за одмор, а неодамна беше фотографиран со Виторија Черета на јахтата на Џеф Безос и Лорен Санчез.