ПРВ.мк
Свет

Маск призна дека ги попречил украинските борбени операции, а објасни и зошто

Маск призна дека ги попречил украинските борбени операции, а објасни и зошто

Американскиот милијардер и сопственик на компанијата „Спејс Икс“, Илон Маск, потврди дека неговата компанија го ограничила функционирањето на сателитскиот интернет Старлинк во Украина, со што биле попречени одредени воени операции на украинската армија.

Маск објасни дека одлуката била донесена бидејќи, според неговите тврдења, украинските сили ги прекршиле условите за користење на услугата.

„Украинската војска ги прекрши условите за користење на Старлинк и го користеше за офанзивни напади со дронови со цел убивање луѓе. Таа можност беше затворена минатата недела“, напиша Маск на социјалната мрежа Икс.

Сепак, тој не приложи конкретни докази за своите обвинувања.

Неговото признание следуваше откако украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека сателитските врски Старлинк и Старшилд повторно функционираат со претходните брзини, по ограничувањата што повеќе од една недела ги отежнувале операциите на фронтот.

Зеленски нагласи дека овие системи се исклучително важни за воената логистика, комуникацијата и одбраната од руските беспилотни летала.

Маск, пак, порача дека Старлинк останува клучен за украинската одбрана, но предупреди на последиците од евентуално целосно исклучување.

„Ако Старлинк се исклучи, украинската фронтовска линија веднаш ќе се распадне. Ова не е закана, туку едноставно наведување факти“, напиша тој.

Тој дополнително истакна дека „Спејс Икс“ придонел за одбраната на Украина повеќе од која било друга приватна компанија во светот.

Маск објасни и дека Старлинк е наменет за цивилни и одбранбени потреби, додека воениот систем Старшилд е под контрола на американската влада.