Поранешниот француски претседател Никола Саркози, кој до неодамна живееше во Елисејската палата, наредните пет години ќе ги помине во ќелија од девет квадратни метри во прочуениот париски затвор Ла Санте.

Затворот, сместен во историска зграда од 19 век во населбата Монмартр, е еден од трите најголеми во Париз и има капацитет за околу 2.000 затвореници. Саркози е сместен во „ВИП“ делот — посебен сектор за високопрофилни личности кои мора да бидат изолирани од останатите затвореници. Преку овој дел низ годините поминале револуционери од Алжир, диктатори од Африка и Јужна Америка, терористи и други познати осуденици.

Иако во овој сектор постојат и двокреветни соби, Саркози ќе биде сам во еднокреветна ќелија со метален кревет, мал сто, фрижидер, телевизор, умивалник и одвоен санитарен простор со тоалет и туш. Ќелијата ќе биде опремена со две ќебиња, пешкир и основни средства за хигиена.
Според правилата, Саркози ќе поминува 22 до 23 часа дневно во својата ќелија, со право на две прошетки и неколку семејни посети неделно. Првиот ден, чуварите ќе ја проверуваат состојбата на затвореникот на секои два часа, палејќи светло во ќелијата и барајќи од него да подигне рака како доказ дека е жив.

Саркози е осуден на петгодишна казна затвор поради вмешаност во заговор за незаконско финансирање на изборната кампања со пари од либискиот диктатор Моамер Гадафи. Тој го напуштил својот дом во Париз држејќи ја за рака сопругата Карла Бруни, пред да биде спроведен во Ла Санте — местото што отсега ќе биде негов дом.