Необичен авиоинцидент се случи во петокот на меѓународниот аеродром Нои Бај во Ханој, Виетнам, кога патнички авион „Боинг 787“ удри со десното крило во задниот дел од авион „Ербас A321“, и двата во сопственост на Vietnam Airlines.
„Боингот“ се движел кон пистата за полетување, додека „Ербасот“ стоел на местото и чекал дозвола. Ударот бил толку силен што дел од репот на „Ербасот“ бил буквално распарен.
И покрај тоа што на двата авиона имало вкупно 380 патници, повредени нема. Патниците биле пренасочени на други летови, а оштетените авиони се повлечени на технички преглед.
Vietnam Airlines веднаш суспендираше четворица пилоти и најави внатрешна истрага. Првичните сомнежи укажуваат дека „Ербасот“ можеби не бил правилно позициониран.
Истражна комисија заедно со Виетнамската управа за цивилно воздухопловство (CAAV) веќе работи на случајот, кој е класифициран како сериозен безбедносен инцидент.