Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека не исклучува никакви мерки доколку руските борбени авиони влезат во европскиот воздушен простор без дозвола. Во интервју за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, Макрон истакна дека Русија претставува најголема структурна закана за Европа, наведувајќи мешање во изборни кампањи, кибернапади и ширење лажни информации.
„Наивни сме ако не препознаеме дека тајната армија на Русија се шири во нашите демократии. Таа се состои од мали анонимни дигитални ботови кои ја манипулираат демократијата во Франција, Германија и низ цела Европа“, предупреди Макрон.
Претседателот додаде дека средствата на Русија замрзнати од Европската комисија не можат едноставно да се користат како колатерал за репарации на Украина, бидејќи тоа би го прекршило меѓународното право. Тој, исто така, потврди дека следната година ќе одржи говор за француската нуклеарна доктрина, истакнувајќи дека „францускиот нуклеарен чадор постои“ и дека се работи на негово ажурирање.