Американската сенаторка од Демократската партија, Џин Шахин, остро го критикуваше рускиот претседател Владимир Путин, споредувајќи ги руските напади врз украинските градови и енергетската инфраструктура со бомбардирањата што нацистичка Германија ги извршувала врз Велика Британија.
Според Шахин, Путин ја променил воената тактика, насочувајќи ги нападите кон големите урбани центри со цел да го поткопа моралот на цивилното население.
„Тоа е истата тактика што Хитлер ја применуваше во Британија“, изјавила сенаторката, посочувајќи ги и нападите врз енергетските објекти.
Таа го критикувала и американскиот претставник Стив Виткоф, кој по средбата со Путин го нарекол рускиот претседател „хуманитарец“, поради ослободувањето на 74-годишниот американски државјанин Стивен Хабард, кој повеќе од четири години бил затворен во Русија.
Шахин го нарекла Путин воен злосторник и диктатор, нагласувајќи дека Хабард воопшто не требало да биде затворен.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека Русија при нападите врз Киев употребила три балистички ракети со касетни боеви глави.
Според Зеленски, станува збор за оружје кое експлодира во воздух и предизвикува разорувања на широка површина, при што биле оштетени станбени згради, продавници и кафулиња.
Тој обвини дека нападите биле намерно насочени кон цивилни области и предупреди дека украинските разузнавачки служби располагаат со информации за можни нови напади во наредните недели.
Зеленски побара посилна меѓународна реакција и поголема поддршка за украинската противвоздушна одбрана, оценувајќи дека Русија не покажува искрена намера да ја заврши војната.








