ПРВ.мк
Свет

Турција ја крши тишината по 30 месеци – борбени авиони Ф-16 влетаа во грчкиот простор и ја разгореа тензијата во Егејот

Турција ја крши тишината по 30 месеци – борбени авиони Ф-16 влетаа во грчкиот простор и ја разгореа тензијата во Егејот

Два турски борбени авиони Ф-16 вчера влетаа во воздушниот простор на ФИР Атина во југоисточниот дел на Егејското Море, објавија грчките медиуми. Овој потег е особено значаен бидејќи претставува прво вакво прекршување од Турција по пауза од цели 30 месеци, што веднаш предизвика реакција и загриженост кај Атина.

Инцидентот се случил во зоната меѓу островите Родос и Кастелоризо, при што турските авиони прелетале без да достават план за летање – чекор кој директно го нарушува меѓународниот протокол. Освен двата Ф-16, во текот на истиот ден биле регистрирани уште две прекршувања: еден воен авион од типот АТР-72 и еден хеликоптер.

Грчките воени власти потврдија дека сите летала биле навреме идентификувани во согласност со меѓународните правила, но останува отворено прашањето за намерите на Анкара и дали станува збор за тестирање на грчката одбрана или сигнал за нови провокации.

Последен пат вакво нарушување на воздушниот простор од турска страна беше забележано во февруари 2023 година, што го прави овој настан алармантен во контекст на односите меѓу двете земји. Грција и Турција и натаму имаат долготрајни спорови околу воздушниот и морскиот суверенитет, а најновиот инцидент дополнително ја вжештува атмосферата во регионот.

Escape