Украинскиот претседател Владимир Зеленски преку објава на социјалната мрежа Икс соопштил дека украинските сили извршиле напади врз руски воени складишта и поморска база, оценувајќи ги како одговор на руските напади.
Тој навел дека украинските дронови прелетале околу 1.000 километри до регионот Санкт Петербург, каде што биле таргетирани арсенали на руската морнарица и база во Кронштат, која се смета за клучно упориште на Балтичката флота.
Зеленски изјавил дека е „време да се стави крај на војната“, но во исто време го обвинил рускиот претседател Владимир Путин дека не сака прекин на конфликтот и дека инсистира на негово продолжување.
Руски власти соопштиле дека Украина извршила „напад без преседан“ врз пошироката област на Санкт Петербург, при што тврдат дека биле соборени над 140 дронови во Ленинградскиот регион. Гувернерот на регионот, Александар Дрозденко, изјавил дека нападите предизвикале пожар во воен објект и дека дел од населението било евакуирано, додека штетата ја опишал како ограничена.
Паралелно, Зеленски навел дека украински дронови погодиле и нафтено складиште во регионот Краснодар, на околу 500 километри од границата, во рамки на, како што Киев ги нарекува, „долгорочни санкции“ против руската инфраструктура.
Овие случувања доаѓаат во период кога во Санкт Петербург се одржува меѓународен економски форум, на кој учествуваат делегации од повеќе од 130 земји. Истовремено, разговорите за можен прекин на огнот остануваат без напредок, откако Москва повторно ја отфрли можноста за директни преговори без претходни услови, додека двете страни продолжуваат со воените дејствија и меѓусебни обвинувања.









