Во швајцарскиот главен град Берн, во саботата избувнаа насилни судири меѓу полицијата и пропалестинските демонстранти, при што беа повредени 18 полицајци и неколку граѓани, соопшти полицијата во неделата. Протестот, кој немал официјална дозвола, бил насочен против израелската воена кампања во Појасот Газа.
Според полицијата, насилството започнало кога органите на редот се обиделе да го ограничат движењето на демонстрантите, кои возвратиле со фрлање предмети и тули. Швајцарската национална телевизија SRF јави дека полицијата употребила солзавец и водени топови за да ја растера толпата од околу 5.000 лица.
„Таквото однесување ја принуди полицијата да примени присилни мерки,“ изјави заменик-началникот на полицијата во Берн, Михаел Бетшен.
Во инцидентот е уапсена една личност, а според полицијата, оштетени се повеќе од 50 згради — искршени прозорци и испишани графити. Штетата, според проценките на SRF, може да достигне неколку милиони швајцарски франци.
Организатори на протестот биле пропалестински групи од различни делови на земјата. Вакви немири се реткост во Швајцарија, иако и на 2 октомври во Женева имало судири меѓу полицијата и демонстранти кои протестирале во знак на поддршка на Палестина.